Општинското основното училиште „Кирил и Методиј“ од Гази Баба организира хуманитарен базар во рамките на училиштето.
Настанот се одржа во петокот во фискултурната сала, а учество зедоа околу 300 посетители, со што училишниот хуманитарен настан заврши подобро од очекуваното.

-Како последна активност од неделата посветена на граѓанското образование решивме да организираме Новогодишен хепенинг по иницијатива на Ученичкиот парламент, а во координација со Советот на родители и наставниците. Настанот беше составен од изложени производи за продажба изработени од учениците и родителите, работилници за новогодишни украси, уметничко катче за сликање, уредено катче за најмладите и фотографирање со Дедо Мраз, како и забава и дружење за повозрасните – информираа од училиштето.

Собраните средства ќе бидат искористени за хуманитарна цел, односно ќе бидат донирани за лекување на младиот Леонид Индов.

-Голема благодарност до сите учесници кои направија овој настан да добие една поголема димензија. Среќни сме што многу голем број ученици со своите семејства ја покажаа својата хумана страна и несебично се вклучија во нашиот новогодишен хепенинг – додаваат од училиштето „Кирил и Методиј“.


