Често се поставува прашањето која е симболиката на осмомартовскиот паричник, чанта, обетки, парфем…

8 Март е Меѓународен ден жената, кога се одбележува борбата за економска, политичка и социјална еднаквост на жените. 8 Март не е ден на понежниот пол, не е ден на мајките, бабите, наставничките, учителките…, туку е светски празник. И покрај тоа што широко е разгласенo значењето на овој празник, а фокусот концизно се става на важноста за борбата за рамноправноста на жените, сепак, кога ќе дојде датумот, кај нас сѐ се сведува на подароци.

За бабите, мајките, тетките, стрините, комшивките и, секако, за наставничките.

И иако намерите се најдобри, традицијата со подароците за наставничките за многумина преминуваат во обврска, натпревар за тоа кој што ќе купи, кој колку ќе потроши, колку ќе биде досетлив… Што ги учиме децата не само со купувањето подароци, туку и со начинот на кој се прави тоа кај нас?
Дали подароците се благодарност за работата што ја вршат, искажување почит или се купување внимание? Често се поставува прашањето која е симболиката на осмомартовскиот паричник, чанта, обетки, парфем…
За подароците за наставничките на големо се зборува и на социјалните мрежи и групи. Работите одат дотаму што има и вицови на таа тема, а и расправии, навреди, обвинувања дека сите се ставаат во ист калап, за тоа кое дете заслужува да го предаде подарокот…

Ги потценувате децата

Психологот Мирјана Јовановска-Стојановска смета дека скапите подароци не се знак за внимание, затоа што внимание е и расцветан миризлив зумбул, напишана песничка, честитка креирана со детските раце.

– Подарокот е подарок, а не плата за извршена услуга. Тежок е зборот кој се користи за скапи подароци што им се даваат на професионалци кои се во позиција на авторитет, од кои оној што подарува зависи на некој начин. Тоа се вика мито. Ако имаме намера на учителката, наставничката, професорката, класната да ѝ посветиме внимание, да ѝ покажеме дека ја цениме, дека ја почитуваме, дека ѝ се заблагодаруваме за она што го направила за нас, тогаш добро ќе размислиме што ќе подариме затоа што подарокот треба го симболизира она што сакаме да ѝ го кажеме. А на што родителите ги учат децата? Ако родителите малку повнимателно размислат, ќе сфатат дека со вакви гестови ги потценуваат своите деца. Наместо да ги поттикнат да ги развијат своите способности и знаења, тие им ги сечат крилјата со тоа што им покажуваат дека некои работи можат да се купат – вели Јовановска-Стојановска.

Таа вели дека намерите на родителите сигурно се најдобри и дека на тој начин сакаат
да ѝ се заблагодарат на наставничката или учителката, ама некогаш ги преминуваат границите и смислата што треба да ја има ваквиот подарок.
Ова би требало да биде регулирано во правилата на однесување во училиштето на децата, родителите и наставниот кадар. На родителската средба би требало да се напомене за правилата и да се дискутира за тоа.
– Наставниците да бидат обврзани активно да се спротивстават на вакви тенденции и ако дојде до тоа да добијат подарок кој е поскап од „детско внимание“, да одбијат да го примат – додава Јовановска-Стојановска.

Пристојна плата наместо подароци

Според законот, вработените во јавниот сектор не смеат да примаат подароци поврзани со нивната работа со исклучок на протоколарни и повремени подароци од пониска вредност. Подароци што не ја надминуваат вредноста од 1.000 денари, или подароци добиени од иста личност чија што вкупна вредност не надминува 3.000 денари во дадена година, се сметаат за подароци од пониска вредност.

Ана Василева, феминистка и активистка за женски права, смета дека има еден начин многу лесно да се заврши дебатата за „подароците на наставничките за 8 Март“. Да им се даде пристојна плата и соодветна почит за достоинствен живот на вработените во просветата.

– Во таков случај ниту ним ќе им биде тоа шанса да добијат „нешто брендирано“ ниту, пак, родителите ќе чувствуваат вина дека треба некако дополнително да надоместат за грижата и образованието што ги добиваат нивните деца. Освен тоа, според мое лично искуство, постои тенденција наставничките сè почесто да ги одбиваат таквите подароци.
Розата што често се подарува по повод 8 Март ја гледам во корелација со еден од слоганите од феминистичкото движење за еднакви права – „леб и рози“, кога американската суфражетка Хелен Тод во еден говор на почетокот на 20 век во САД кажала: „Леб за сите, но и рози (исто така)“ каде што розата го симболизира токму тој достоинствен живот, наспроти симболот на лебот кој ги претставува основните потреби. Самото движење за женски права е нераскинливо поврзано со движењето за работнички права, и на овој ден сметам дека е многу важно да се актуализираат темите врзани за условите за работа и живот на жените, како и за системското насилство што го трпат, а е често нормализирано. Да заклучам, сметам дека практиката на давање „несоодветни“ подароци на овој ден е само симптом на многу поширок и подлабок системски проблем и сметам дека симптомот многу лесно ќе исчезне ако го решиме проблемот што го предизвикува – ни изјави Ана.



912

X