Бебињата се едни од најнежните суштества на светот. Нивниот раст и развој треба секогаш да го имаме под контрола, а „проблемите“ во усната празнина на бебето почнуваат по петтиот месец.
Ако вашето бебе (во текот на шестиот месец) станува малку повознемирено од вообичаено, повеќе плаче, има проблеми со спиењето и доколку има малку покачена температура, нема простор за паника. Очигледно е дека бебето (можеби) поминува низ најтешкиот период од неговото растење затоа што од шестиот месец почнуваат да излегуваат забите.

Во овој период на бебето треба да му се понудат разни глодалки кои се лесни за самото да може да ги чува в рака и да ги принесува до устата, да се употребуваат специјални гелови за намалување на болката кои треба да се нанесат нежно на непцата неколку пати во текот на денот.
Исто така, и масажа на непцата, ладење на непцата и што поголем контакт со родителот, галење и доење (доколку бебето е на мајчино млеко) би му помогнале за полесно да го надмине овој период.


Поголемиот дел од родителите се во дилема кога да почнат да му ги мијат забите на детето или дали воопшто да го прават тоа, но миењето на забите треба да претставува една забавна активност вклучена во секојдневната рутина на детето.
Таа треба да започне со избивање на првото запче и со помош на родителот, сѐ додека не се научат правилно техниките за миење на забите.
Пред избивање на првото запче, се препорачува одржување на хигиената на усната празнина со пребришување на непцата и јазичето.
Оралната хигиена кај децата е доста важна бидејќи усната празнина е „пат“ низ кој се движат бактериите (бидејќи малечките ги ставаат прстите в уста, како и други предмети), па затоа ние советуваме да се започне со чистење на усната шуплина со стерилна газа намотана на прст или специјална четка (oral care finger brush) напрсток за таа намена.

Додека по избивање на првото запче препорачуваме мека четка со мала глава (soft ili extra soft) за да може детето лесно да ја користи.
Исто така, кај родителите е присутно и прашањето кога и дали воопшто да го однесат детето на стоматолог пред шестата година.
Но, првата посета на стоматолог најдобро е да се случи помеѓу првата и втората година, или 6 месеци по избивање на првото запче.
Доколку детето нема заб до 12 месеци, потребна е посета на стоматолог за да се утврдат причините за доцнењето.

При првата посета важно е да се информирате за начинот на одржување на хигиена на усната шуплина и на забите. По избивање на сите млечни заби, посетите треба да бидат почести – на секои 6 месеци.

Најважен е контактот помеѓу пациентот и докторот.

Дарко Антески

И токму затоа, кога се во прашање децата, секогаш акцентот го ставаме на градење еден искрен и убав пријателски однос. Нашата цел е стекнување доверба од страна на децата и чувство на сигурност при самото присуство во нашата ординација. Многу е важно првите посети да бидат пред детето да почувствува каква било болка. Препорачувам повеќе посети за да може да посветиме доволно време и детето подобро да се запознае со амбиентот, со самата просторија и инструментите што ги користиме за кога ќе дојде време да се изврши одредена интервенција, таа да не биде проследена со страв.

Родителите не треба да се плашат во текот на процесот на избивање на забите кај децата бидејќи тоа е нормална состојба, а за сите други дилеми и прашања, нека се обратат кај стоматолог.

Автор: Дарко Антески, стоматолог



912

X