Здравје

Опстипација кај деца, симптоми, причини и превенција

Опстипацијата кај децата е честа и вообичаена појава. Проблемите што се појавуваат при опстипација се врзани со отежнато празнење на цревата, со кое се намалува бројот на столици, односно се продолжува периодот помеѓу столиците.

Причина за отежнато празнење на цревата најчесто е неправилна исхрана, промена во составот на цревната флора, периодот кога детето преминува од користење пелени на нокшир, премин од мајчино млеко на цврста храна итн. Кога детето има опстипација, столицата е многу тврда и сува и тоа многу го отежнува редовното празнење на цревата. Детето е вознемирено и раздразливо, а и плашливо од болката која ја чувствува, па затоа и го избегнува самиот чин на дефекација.

Симптоми

Симптомите што ни укажуваат дека се работи за овој проблем се:

-детето има помалку од 3 столици неделно
-столицата е сува и тврда
-болки при дефекација
-често се жали на болки во стомакот
-понекогаш на површината на формираната столица се запазуваат траги од крв
-детето одбива да оди во тоалет поради претходно лошо искуство и болката што ја има претрпено.

Опстипацијата кај децата најчесто е привремена појава, меѓутоа, понекогаш е потребна лекарска помош во случај кога се јавува треска, кога детето одбива да јаде, кога ќе се забележи крв во столицата, оток во стомачето, кога се губи тежина и кога има анални фисури и ректален пролапс.

Д-р Елизабета Манчева-Уневска

Причини за опстипација

Фактори што придонесуваат за оваа појава се лоша и неправилна исхрана, често одложување на одењето во тоалет, генски предиспозиции, употреба на лекови, но почесто се работи за повеќе фактори кои дејствуваат заедно за настанување на оваа состојба. Затоа, многу е битно да не се дозволи детето да го одложува одењето во тоалет поради несакање да се напушти игра или сл.

Превенција на опстипацијата

Исхраната треба да биде богата со пробиотски култури, растителни влакна од овошјето и зеленчукот и многу вода. Многу треба да се внимава на преодот на дефекација од пелени кон нокшир. Не треба сето тоа да биде насила, туку да се изведе со точно определени психоразвојни механизми, бидејќи и дефекацијата е дел од психомоторниот развој на детето. Исто така, моментот кога детето тргнува во градинка може да биде причина за опстипација. Преминот од исклучително млечна храна на цврста храна може да биде причина за појава на опстипација. Треба да му се овозможи на детето да биде секојдневно физичко активно, да стекне дневна рутина за одење во тоалет. Соработката и односот меѓу родителот и детето се особено важни. Доколку се појави проблем со запек, најдобро е веднаш да се реагира бидејќи секое одложување на третманот може да направи хронична опстипација.

Автор: д-р Елизабета Манчева-Уневска, спец. по семејна медицина

Поврзани написи

To top