Кокино е една од задолжителните дестинации за посета кај нас. Магијата на местото и хоризонтот кој се отклучува од Татиќев Камен не се доживува на друго место

Кокино е место без рок на траење. Секогаш интересно за посета, без оглед на годишното време, без оглед на временските услови. Кокино е точка која секогаш сервира фасцинантни погледи. Најубавото зајдисонце се доживува токму овде, на врвот на мегалитската опсерваторија. Ноќе ѕвездите овде се посјајни од каде било. Облаците се поблиску. И ако натежнуваат, создаваат прекрасни фотографии. Околните планини, брда, ридови, долини совршено се надополнуваат во целиот пејзаж и овозможуваат супер излети, магични кампувања, пријатни прошетки…

Раскошно зајдисонце

Познато е дека Кокино своевремено било значајна мегалитска опсерваторија. Лоцирана на централна позиција за набљудување на небесните тела, со седум маркери изработени во вертикалните карпи со кои се означувале местата на изгрејување на сонцето и на месечината. Тука се сместени камените седишта наречени тронови, издлабени во карпа… И секој попатен камен има своја приказна. Опсерваторијата е лоцирана е на таканаречениот врв Татиќев Камен, на надморска висина од 1.030 метри. Според достапните податоци, опсерваторијата датира од пред 1800 г. пр.н.е., односно раното бронзено време, а се протега на површина од 5.000 квадратни метри.

Кумановскиот Регион нуди магични дрвени куќички кои се супер опција за опуштен викенд. Па оттука, откако истраживме што нуди во близина, Кокино несомнено ни беше најатрактивна дестинација за посета. Брзо стигнавме до замислената точка, особено кога предизвикот е да се улови зајдисонцето од врвот.

Секој камен со своја приказна

Опсерваторијата Кокино се наоѓа во атарот на општината Старо Нагоричане, оддалечено околу 75 километри од Скопје, или 35 километри од Куманово. До неа се стигнува по кривулест асфалтен пат, а на последните 500 метри треба да се испешачи блага угорница.

Паркиравме на тревниот „паркинг“ и ја следевме маркацијата. Патеката блика со недопрена природа. По неколку минути се стигнува до рампа со табла дека е потребна наплата: 30 денари за деца, 60 за возрасни и 5 евра за странци. Ние погодивме момент кога никој немаше на рампата и влезот ни беше бесплатен. Но не бевме единствени. Во секој период од денот има туристи желни да го доживеат Кокино. Стрмната патека, полна со карпи, камења, понекоја клупа за здивнување, понекој патоказ ве носи до самата опсерваторија. Како се приближувате до мегалитската опсерваторија, станува сѐ поинтересно. А качувањето по карпите е навистина забавно. Од секој камен се отвора нов и нов видик кој е сѐ поширок и попростран.

За детските нозе, опсерваторијата е голем и супер интригантен чекор, полн скокови, секако под будно родителско око. Ние ги искачивме сите стрмни скали, височинки, остри камења, го опколивме неколкупати тивкото Кокино. Ги разбудивме сите бубачки. Ги слушавме птиците, го заспавме сонцето, трчавме со ветрот, ги броевме ѕвездите… Си направивме супер излет. Опсервиравме и уживавме во хоризонтот.

Фото: приватна архива



912

X