Доколку вашето дете штотуку проодело, ќе мора да вложите многу енергија трчајќи по него и внимавајќи да не се повреди. Издвојуваме неколку совети како да го направите домот побезбеден за вашето дете.

1. Бања

– Жилети и ножички – детето може да се исече или сериозно да се повреди со острите предмети. Сите опасни предмети чувајте ги затворени во фиока.
– Козметика и лекови – децата можат да ги проголтаат сите помали предмети оставени во нивна близина, па можат да се затрујат или да се предозираат. Бидете сигурни дека лековите се добро затворени или надвор од дофат на децата, како и козметичките производи.
– Веце-школка – малите деца можат да се удават во многу мала количина вода. Капакот од веце-школката држете го затворен.
– Ситни производи – памукчиња, тампони и сите други ситници можат да ги стават в уста и со нив да се задушат. Пониските полици нека бидат празни, а опасните предмети надвор од дофат на детето.

2. Дневна соба
– Мебел – потпирачите и перничињата можат да бидат опасни затоа што во нив можат да се загубат многу ситници, како што се металните парички, кои децата можат инстинктивно да ги стават в уста. Решението е редовно да проверувате што има под мебелот, особено откако ќе си заминат гостите.
– Украси на масичката за кафе – пластичното и украсно овошје на детето може да му се причини како вистинско. Избегнувајте вакви украсни предмети, како и аранжманите со камчиња и џамлии, или барем држете ги подалеку од детето.
– Полици за книги – децата можат да ја превртат полицата при обидот да ги дофатат книгите или доколку се качат на полицата. Полиците нека бидат добро прицврстени за ѕидот за да не може детето да ги помести.
– Ролетни и венецијанери – често пати децата си играат со тие врвки и јажиња, па постои можност несвесно да ги стават околу врат и да се задушат. Скратете ги или заврзете ги повисоко за да не може детето да ги дофати. Исто така, отстранете ги пластичните или металните делови за да не ги проголта.
– Електрични жици и приклучоци – не дозволувајте тие да бидат во близина на децата зашто многу лесно можат да го прекинат струјното коло. Сокријте ги каблите зад мебелот, а ѕидните приклучоци поклопете ги.

 

3. Кујна
– Магнети за ладилник – лесно можат да бидат дофатени и симнати од ладилникот и пикнати в уста. Избегнувајте ги или поставете ги повисоко.
– Уреди во домаќинството – децата можат да се повредат од разни уреди, како што се машините за миење садови полни со остри предмети или рерната на која можат да се изгорат. Решението е машините, рерната и другите слични уреди да бидат затворени за да не му падне на памет на детето да ги допира.
– Електричен шпорет – децата многу лесно можат да се здобијат со изгореници ако ја допрат ринглата или рерната. Додека готвите, држете ги рачките на садовите подалеку од предниот дел на шпоретот за да спречите истурање и обрнете внимание кога детето се приближува кон шпоретот.
– Средства за чистење – децата можат да се стекнат со изгореници на кожата или да ги проголтаат токсичните течности доколку си играат со нив. Чувајте ги настрана.
– Пластични кеси – без разлика дали се за набавка, за чување храна или за замрзнувач, кесите лесно можат да ги пикнат во устата или во носот. Отстранете ги.
– Пластични и алуминиумски фолии – лесно можат да се исечат од острите рабови на фолијата или други слични средства. Чувајте ги во фиока.

4. Работна соба

– Остри предмети – ножиците и други слични предмети можат да ги повредат децата. Чувајте ги настрана, но не и превисоко за да не ви паднат при обидот да дофатите нешто.
– Приклучоци – трудете се децата да не бидат во близина на електрична струја. Покријте ги приклучоците и другите електронски уреди, не само поради безбедност, туку и затоа што детето може да го повлече кабелот од вашиот компјутер додека работите.
– Мебел – столовите и масите со остри рабови можат да ги повредат децата. Купувајте мебел со обли рабови или барем покријте ги тие рабови со мек материјал.
– Држачи за тастатура – не купувајте работна маса со лизгачки дел за тастатура зашто децата можат да се удрат или да ги потфатат прстите.
– Мртов агол – поставете огледало покрај компјутерот за да имате увид во тоа што го прави детето зад вашиот грб.

5. Општо
– Канта за ѓубре – ѓубрето е преполно со бактерии и опасни предмети до кои децата можат да дојдат. Скријте ја кантата под мијалникот или во заклучен дел. Ако тоа не е можно, купете канта со сигурносен капак.
– Торби – гостите можат во своите рачни торби да носат лекови или козметика која може да му наштети на детето. Тргнете ги торбите подалеку од детето, на полица, закачалка или во плакар. Не само што децата ќе бидат побезбедни туку и личните предмети на гостите ќе бидат зачувани.
– Празни простории – во нив децата можат да се скријат и да се доведат во опасност. Држете ги заклучени вратите од подрумот, гаражата, просторот за вежбање или таванот.



912

X