Сигурно сте го фатиле детето како става песок, земја или парче пластелин в уста. Децата помали од две години често пробуваат работи кои не се за јадење, бидејќи така се запознаваат со околината и различните структури. Меѓутоа, ако децата постојано јадат нешта што не се јадат, можно е да се работи за специфично нарушување во исхраната што треба да се реши.

Нарушување во исхраната пика

Ако детето понекогаш покажува желба да вкуси нешта што не се јадат и е под две години, тоа не треба да ве загрижува, иако е важно уште од почеток да ги предупредите децата зошто не е добро да се јадат нешта што не се за јадење. Сепак, треба да бидете загрижени за децата кои постојано имаат желба да јадат нешта што не се за јадење, како што се нечистотија, песок, пластелин, камења, гранки, измет, ткаенина, сапун, хартии, бидејќи тие може да имаат специфично нарушување во исхраната наречено пика. Името е добиено по птицата страчка која е позната по својата ненаситност и јадење сѐ и сешто.

Пика е почеста кај лицата со пречки во развојот, како што е аутизмот, а понекогаш може да се појави и кај лица со епилепсија, повреди на мозокот, па дури и кај трудници.

Може да доведе до труење

Пика е сериозна состојба и може да доведе до труење и низа други болести. Може да предизвика механички тешкотии со варењето, интестинална опструкција поради затнување, инфекција со разни паразити или труење со тешки метали.

Недостигот на одредени витамини во телото, како што се железо, калциум и цинк, може да создаде неопислива желба за јадење нешта што не се јадат, но почесто тоа е развоен проблем или опсесивно компулсивно нарушување. Иако обично е минлива фаза, доколку забележите дека детето не се откажува, задолжително консултирајте се со неговиот лекар.

Автор: Сунчица Гот

Извор



912

X