Само родителите што сто пати ги шиеле ушите на веќе старото кадифено мече, ги затворале дупчињата на старата пелена и кришум во текот на ноќта го извлекувале омиленото ќебенце за да го исперат, знаат колку може да биде силна зависноста од предметот кој на детето му дава утеха. За некои тоа е перницата што ја добиле веднаш по раѓањето, за некои – старата кукла на сестрата, за некои е ќебенце или некој друг предмет, а заедничко им е дека од „утехата“, како што ја нарекуваат психолозите, не сакаат да се разделат никогаш.

Оваа зависност се развива во текот на првата година, до околу вториот роденден, а кога ќе престане, зависи од карактерот на детето, Несигурните деца, оние што потешко се одвојуваат од родителите, својата „утеха“ долго ја носат со себе, а оние што се посамостојни ја отфрлаат порано, но повеќето деца се согласуваат да се откажат најдоцна до петтиот роденден.

По „утехата“, детето, како што велат експертите за развој, најчесто посегнува кога е изморено, нервозно, фрустрирано, исплашено или болно, кога ги менува рутината и средината, но и во ситуации кога се запознава со нови луѓе. Ако знаете дека вашето дете ќе се чувствува подобро покрај својата омилена играчка или предмет, не му ја одземајте, не го задевајте и не му вршете притисок да се откаже од она што му дава сигурност.

За да му помогнете да ја победи оваа зависност и да ја стекне неопходната сигурност, заедно одредете ги местата на кои ќе оди без ќебето, пелената или омилената кадифена играчка, но и времето што треба да го помине без „утехата“. Ако веќе знаете во кои ситуации детето не сака да биде без омилениот предмет, обидете се однапред да му го насочите вниманието на некоја активност за да му се тргнат мислите. Со текот на времето и самото ќе сфати дека таква поддршка не му е потребна, па ќе заборави на неа.

Доколку вашето дете не претерува, ако е во состојба во поголемиот дел од денот да функционира без „утеха“, опуштете се и чекајте оваа зависност од предмети да помине сама од себе. Некои деца, особено девојчињата, дури и во пубертет спијат со омиленото мече, но тоа веќе не е зависност, туку навика и не треба да ве загрижува.

Меѓутоа, ако забележите дека на детето некој стар предмет му значи повеќе од луѓето, од другите деца, дека не се грижи за ниту една играчка, книга или активност, обратете се на детски психолог.



912

X