Доењето е многу интимно, топло и блиско искуство и за мајката и за детето. Сепак, бидејќи на сè му доаѓа крајот, така и тоа во одреден момент мора да се заврши. И мајката и детето природно го надраснуваат, но тешкотијата е во тоа што понекогаш потребите на детето и природното престанување на лактацијата кај мајката, или пак нужноста за враќање на работа, не се усогласуваат.

Одвојувањето од мајчините гради е сериозен чекор кон самостојноста и некои деца едноставно не можат да го направат. Сепак, секое дете, порано или подоцна, доаѓа во фаза кога психички е подготвено да се раздели од градите, особено ако мајката постепено го одвикнува и ги слуша неговите потреби. Ако се враќате на работа по една година од породилно отсуство или едноставно сакате да престанете да доите, направете го тоа постепено и олеснете му го на детето тој период. Еве како најуспешно да го сторите тоа:

Полека намалувајте го бројот на подои во текот на денот

Стратегијата на намалување на бројот на подои е олеснувачка за детето бидејќи тоа постепено се навикнува на нови околности. Кога детето бара да цица, повремено направете се како да не сте сфатиле или чуле што барало. Ако инсистира, во тие ситуации насочете му го вниманието на нешто друго. Немојте да се лутите, да покажувате несигурност или грубо да го одбивате детето. Ако инсистира на доење, овозможете му го тоа. Со текот на времето сè помалку ќе бара да цица, а со тоа и градите полека ќе ја намалуваат количината на млеко. Не е лошо на некој начин да се ограничи доењето, на пример, да му се даде на малечкото да цица само на одредени места (на столот во кујната) или само во одредена положба (само седечка). Кога детето ќе се разбуди по попладневно спиење, немојте веднаш да му бидете на располагање, а кога ќе дојдете во собата, обидете се вниманието да му го насочите кон некоја убава храна што ја сака.

Полека укинувајте го доењето пред попладневното спиење

Тоа е еден од начините на кои полека ќе го подготвите за вашето враќање на работа. Во тоа може да ви помогне мал трик: ставете го детето во креветче и кажете му дека брзо ќе се вратите. Потоа вратете се за 30 секунди и заспијте го како и вообичаено, на гради. Следниот ден направете го истото само продолжете го времето на вашата отсутност. Објаснете му на детето зошто ве немало, на пример, кажете му дека сте морале да исечете морков за вечерата. Во тој момент од пресудна важност е детето, ако веќе може самото да стане и се обиде да ве пронајде, навистина да ве пронајде до работната површина. Тоа ќе биде клучен момент во кој ќе ви поверува дека сте имале важна работа поради која не сте можеле да дојдете. Не лутете се и задолжително е да ја зачувате смиреноста! Завршете со сечење на морковот и повторно однесете го детето на спиење со тоа што ќе го замолите да ве почека во креветот и дека брзо ќе се вратите. Навистина вратете се за половина минута. По некое време на повторување на процедурата, еден ден ќе следува изненадување. Кога ќе се вратите во собата, вашето дете веќе ќе спие.

Полека намалувајте го бројот на подои во текот на ноќта

Кога ќе престанете да го доите во текот на денот, можете да го намалувате доењето и навечер. Тоа би можело да биде малку потешко бидејќи тоа е најубавиот дел од доењето што преостанал. Детето можеби ќе се обиде да го надомести тоа што му го скратувате. Можеби ќе почне да го цица палецот, што значи дека со проектот малку ќе забавите. Кога ќе се обидете да ја извадите дојката од устата, а детето не се буди, тоа е знак дека ноќното доење станува симболично.

Полека укинувајте го доењето по утринското будење

Што се однесува до утринското доење, станувајте пред детето, а кога тоа ќе се разбуди, однесувајте се како да сте заборавиле на доењето. Детето едно утро исто така ќе заборави да бара да цица. Понекогаш можете да се обидете да речете дека ве боли глава иако детето не може да ја разбере туѓата болка, но може да успее. Кажете изговор и за некоја неодложна работа која морате да ја завршите, на пример, миење заби. Притоа бидете внимателни и кажувајте ја вистината бидејќи не сакате да го повредите детето. Задолжително пофалете го детето дека веќе е големо и самостојно и дека пред некој ден заборавило на утринското доење. Тоа ќе му даде сила бидејќи децата сакаат кога родителите ги сметаат за големи.

Извор



912

X