Децата не можат да ги читаат нашите мисли, затоа е многу важно почесто да ги кажуваме гласно и да им дозволиме на најмалите да учествуваат во нашите емоции и размислувања.

Ова особено се однесува на татковците кои, како што расте детето, се сè поважен пример за нивните синови. За да ги воспитате да станат најдобри можни луѓе, применете ги овие 8 едноставни чекори:

Научете го синот како да се справи со неуспехот

Без разлика дали станува збор за поправка на комода или за готвење – ако нешто тргне наопаку и не оди онака како што би сакале, најдобро е да останете смирени. Наместо да пцуете пред детето, кажете: „Го згрешив ова!“ Фрустрацијата е, исто така, чувство и нормално е да се доживее неуспех одвреме-навреме.

Но, вашата следна реакција е важна. На пример, кажете нешто како: „Можеме да пробаме и ако тоа не успее, ќе смислиме нешто друго“. На тој начин вашиот син ќе научи дека нема причина да се откажува.

Разговарајте за чувствата

Покажувањето среќа пред вашето дете е исто толку важно како и покажување на тагата. Мора да му дадете до знаење на вашиот син дека грижите се составен дел од животот и дека е важно да се зборува за нив и нема смисла да се потиснуваат – во спротивно нема да може да се ослободи од нив. Ова ќе му помогне на вашето дете успешно да се справува со стресните ситуации.

Почитувајте ја и сакајте ја неговата мајка

Ако ѝ кажувате „те сакам“ на сопругата секогаш кога се збогувате со неа, ќе им покажете на вашите деца дека меѓу нивните родители има љубов и хармонија. Уште поважно е да ѝ кажете на партнерката што сакате кај неа пред децата. „Мама е едноставно најдобра затоа што може да прави (одредено нешто) толку добро“ или „Мама веќе ја спакува торбата затоа што секогаш мисли на сите нас. Таа е супер“.

На овој начин вашиот син ќе научи да ја цени својата мајка, но и другите жени. Не заборавајте дека и децата забележуваат превртување на очите. Треба да бидете внимателни со ваквите негативни гестови.

Не е срамота да се побара помош

Да побарате насоки од непознат човек, да побарате совет од партнерот или да го замолите вашиот најдобар пријател да ви помогне во работата – преку овие ситуации вашиот син ќе види дека таткото не може да реши сè сам и дека е доволно силен да побара помош. На овој начин децата ја учат важноста на соработката.

Научете го, но не заборавајте на играта

„Кој лист на кое дрво му припаѓа?“, „На кој континент живеат жирафите?“ – важно е на децата да им се пренесуваат факти и знаења. Сепак, не заборавајте да бидете креативни и да поминувате време со вашето дете во игра. Можете едноставно да гледате во небото ноќе со вашиот син или да играте игри со погодување.

Покажете емпатија

Покажете му на вашиот син дека имате сочувство и разбирање за луѓето околу вас. Објаснете му колку е важно да разбере низ што поминува другата личност. И објаснете му дека само така опстојуваат односите меѓу пријателите.

Покажете му како да поставува прашања, бидете љубопитни и дајте му простор да зборува за себе.

Кога сме веќе кај пријателството…

Пријателите се скапоцени. Дефинитивно треба да му дадете пример на вашиот син. Покажете му дека пријателите не се тука само за забава, туку од нив барате и совет и поддршка. Покажете му дека можете да се потпрете на вашите пријатели и дека дружењето со нив има посебна вредност.

Секој понекогаш има чувство на вина

Дали познавате некој што не греши? Сигурно не. Сите ние понекогаш грешиме. Сепак, важно е да се извините. Ако треба да ѝ се извините на сопругата за нешто, добро би било да го повторите гестот пред вашето дете. Неопходно е да му покажете на вашиот син дека сакате да ги подобрите работите во иднина. „Во ред е да се греши и да се прават грешки – тоа се важни лекции“.

Извор



912

X