Просечните деца се многу поуспешни бидејќи ќе ја пронајдат својата пасија, она во што се навистина добри, па во текот на животот ќе станат генијални во тоа поле.

– Вашето дете е просечно – малку исплашено ми соопшти педагогот кога ми ги кажа резултатите од тестирањето на мојата ќерка за упис во прво одделение. По изразот на нејзиното лице можев да кажам дека од мене очекувала не знам каква реакција – да викам, да барам повторување на тестот или да ја доведам во прашање нејзината стручност. Однапред истакна дека немала никакво субјективно влијание врз резултатите, туку тестот претставувал шаблонска проверка креирана од Министерството за образование. Се насмеав и прашав дали моето дете може да оди во прво одделение? – Се разбира, ми кажа опуштено, ќе созрее до први септември.

– Знаете, додадов, просекот е одличен, тоа значи дека ќе ги исполнува своите обврски, нема да биде ни најдобра ни најлоша, но ќе има време да се занимава со работи што навистина ја интересираат и надвор од училиштето.

Јас бев одличен ученик, сестрана и над просекот (така ми велеа). Тие оценки и поени уште од прво одделение ме тераа да ги надминувам своите граници. Да учам повеќе, да добијам пофалби и награди. Незамислива ми беше можноста да паднам, на кое било поле, бидејќи ги исполнував туѓите очекувања. Оние што се гордееја со мене, семејството, професорите. Немаше опција да кажам: „Доста е, не сакам историја и не ме интересира, ќе научам за тројка“. Ја знаев за петка, а сега едвај нешто помнам од тие лекции. Толку од одличниот ученик. Многу време потрошено на историја наместо на вежбање задачи по математика, која најмногу ме интересираше. Или цртање, за кое сите ми велеа дека не ми треба и дека за уметност не можам да бидам талентирана ако веќе сум се определила за природни науки. Да се биде успешен на полиња како физичко образование, музичко и слично, главно се исмејува.

Сестра ми не беше никаков математичар, но беше талентирана за сликање, од кое денес и живее. Живее од својот талент. Плаќа сметки, купува храна. Бидејќи математиката не ѝ беше јака страна, често беше предмет за потсмев, па дури и самата се сметаше себеси за недоволно интелигентна.

Да се очекува од детето да биде феноменално во секоја област и да се покажува со прст на неговите слаби точки, а да не се воздигнува она во кое е одлично и талентирано, по мое мислење, е голема грешка на родителот. Создавањето комплекси таму каде што не им е место.

– Мислев дека ќе пропаднеш како и секој одличен ученик – искрено ми рече мојот класен раководител многу години по завршувањето основно училиште. – Како мислите? – бев изненадена од неговата изјава. – Како пропаѓаат одличните ученици? Одеднаш се сруши целиот темел на кој вредно го градев својот живот. – Така, во практика се покажало дека одличните ученици пропаѓаат, го губат фокусот, бидејќи за време на школувањето се растргнати на сите страни, па на крајот се изморени и не прават ништо. Многу поуспешни се просечните ученици, кои ќе го пронајдат она во што се добри, па во текот на животот ќе станат генијални во тоа поле – ми објасни. Вистина е. Не мислам дека сум пропаднала, но мислам дека навистина сум изморена. Најмногу од тоа да бидам совршена во сѐ. Од исполнување очекувања.

Дојдов до тоа да си кажам себеси дека просекот е одличен. И со тоа сознание почнав ново поглавје во животот. Имам слобода да дишам, да грешам, да поправам, да не кријам дека не сум совршена мајка, сопруга, човек. Ослободување. Жал ми е што истиот професор не ми ја откри тајната порано.

И никој да не ме сфати погрешно – работните навики и мрзливоста се едно, а оценките и резултатите се нешто сосема друго. Ако детето е извонредно во нешто што го интересира, па макар тоа било и физичко образование – и тоа е доволно. Мојата ќерка феноменално зборува англиски јазик и јас сум пресреќна што еден талент така брзо се појави. Не знае да трча, па физичкото ќе ни биде проблем. За другото не знам. Знам само дека мене секогаш ќе ми биде одлична зашто нема да ја споредувам со никој друг.

Знаењето е моќ, но само ако е функционално, а не научено за оценка.

Извор: „Бесењак



912

X