Ако одвојувањето на вашето дете од мобилниот или компјутерот за вас преставува секојдневна борба, еве план што може да ви помогне
Британската писателка Тања Гудин ја напиша книгата „Престанете да зјапате во екраните“, во која предлага како да му помогнете на детето да има здрав однос со технологијата.
1. Бидете пример
Сè започнува со вас. Дали ќе успеете да го одвоите детето од екранот, зависи од тоа колку вие ги користите овие уреди. Критички согледајте ги прво вашите навики и почнете да ги контролирате.
2. Фокусирајте се на времето и на местото
Лесно е да се најде дупка во сложените правила. Поврзете го времето поминато пред екран со определен дел од денот и определени простории во домот, па правилата полесно ќе се почитуваат.
„Нема телефон додека се јаде“ и „Телефонот не може навечер да биде во твојата соба“ се добри правила за почеток.
3. Нека знае дека може да има „последици“
Бидете јасни дека ќе има „последици“ доколку се прекрши некое правило што го поставивте. Важно е ако вашето дете ги прекрши правилата, навистина да ги почувствува „последиците“ наместо само да му се заканувате.
4. Објаснете му како се станува зависник од екраните
Издвојте време за да му објасните на детето дека видеоигрите, социјалните мрежи и сличните работи се направени за да ги привлечат децата и да ги направат зависници. Факт е дека со повозрасните деца е полесно да се разговара на оваа тема. За нив може и ќе биде поучно да дознаат во кои стапици можат да паднат.
5. Место за телефоните
Кутија, вазна или слично нека биде централно место каде што сите дома ќе ги чуваат своите телефони. Ова е одличен начин да се фокусирате на други работи. Вреди да се обидете.
6. Забавувајте го детето
Времето кога детето не е на компјутерот или на телефонот искористете го за да си играте надвор.
7. Користење еден уред
Во многу семејства луѓето додека гледаат телевизија истовремено прегледуваат информации на својот телефон. Забранете гледање на повеќе екрани (уреди) во исто време. Тоа може да биде можност за заедничко поминување на времето, на пример, за добар семеен филм.
8. Понудете алтернатива
Понекогаш најдобар пристап е ако ги оставите децата сами да го доживеат чувството на досада без екран, за сами да најдат решение и занимација. Но, може да биде корисно и вие да им понудите некоја алтернатива. Организирајте заеднички активности во кои уживаат (можете заедно да правите колачи, да цртате, да одите на пливање) за да се потсетат дека освен екранот, постојат многу забавни работи.
9. Бидете смирени
Повишувањето на тонот нема да помогне. Дишете длабоко неколку пати пред да се соочите со ситуацијата од која не сте задоволни и обидете се да разговарате смирено со детето, објаснувајќи му што мора да се промени.
Поттикнете го смирено да разговара, па така лесно ќе најдете решение.
10. Забранете го телефонот/компјутерот во овие ситуации
Децата минуваат многу време на уредите, па поради тоа, помалку време со семејството. Решете го тоа со забрана за користење на телефонот кога се дома сами со една личност од семејството (на пример, нема играње игри, нема телефон кога детето е само со мама или тато, баба, дедо).
Со оглед на тоа колку време денес децата поминуваат на телефоните, компјутерите, таблетите, не е лесно да се одвојат од нив. Клучот е да им покажеме дека пропуштаат забавни работи додека зјапаат во екраните.