За децата може да биде добро да учествуваат во грижата за сестрата или братот со тешкотии во развојот. Но, треба да се води сметка за тоа колку и како децата се грижат за својот брат или сестра. Добро би било да се осигурите дека сите во вашето семејство имаат некаква улога во завршувањето на семејните задачи. Доследните правила за сите ваши деца испраќаат порака дека сите се важни и еднакви.

Обврски, помош и одговорност

Вообичаен дел од семејниот живот на сите деца е да им помагаат на своите браќа или сестри. Детето што има брат/сестра со тешкотии во развојот може да се чувствува корисно и одговорно ако го поттикнете да помага во водењето грижа за својот брат или сестра. Но, би требало да се води сметка и за тоа колку детето помага и како се грижи.

Чувство на принуденост за преземање одговорности од возрасните

Морате да внимавате да не се случи детето да се почувствува принудено да ја преземе улогата на родителот или возрасното лице. На пример, некогаш можете да забележите дека вашето дете ги отфрла можностите да биде со своите пријатели за да може да внимава на својот брат или сестра со тешкотии во развојот. Ова може да биде знак на голем притисок што детето го чувствува во врска со грижата за својот брат или сестра.

Иако вашето дете сака да се грижи за братот или сестрата, со текот на времето тоа може да го наруши односот помеѓу вашите деца. Тоа е така затоа што ова чувство на одговорност може да биде многу напорно за детето, а грижата за братот или сестрата може повремено да биде недоволно интересна и непријатна.

Во ред е децата да преземаат повеќе одговорности во домот како што растат, но децата во тинејџерскиот период, исто така, имаат повеќе училишни обврски или често имаат дополнителни воннаставни обврски. Тинејџерите, исто така, би можеле да се чувствуваат огорчено ако грижата за братот или сестрата им оневозможува да поминуваат време со пријателите или да прават работи во кои уживаат.

Со детето во тинејџерскиот период можете да преговарате за тоа кога ќе внимава на братот и/или сестрата, а може понекогаш и да му платите за тоа.

Разлика помеѓу родителската одговорност и братската или сестринската одговорност

Потребно е да се прави јасна разлика помеѓу одговорностите што ги имаат браќата и сестрите и одговорностите што ги имаат родителите. Браќата и сестрите се тука да поминат време заедно и да помагаат во активностите како туркање на инвалидската количка, да му покажат на братот или сестрата со тешкотии во развојот како се цртаат животни или да им читаат. Од друга страна, родителите би требало да им даваат поддршка на децата кога одат во тоалет, да им помагаат во текот на хранењето или да управуваат со нападите на бес. Тие, исто така, ги носат големите одлуки, на пример, дали децата мора итно да одат во болница.

Како да се распредели одговорноста за грижата за братот или сестрата

Еве некои идеи за кои би требало да размислувате кога ги разгледувате одговорностите:

– Обидете се на детето да му дадете можност за избор во врска со тоа колку ќе му помогне на братот или сестрата. На пример: „Софија, се надевам дека можеш да седиш со Ана додека таа ги прави вежбите за истегнување. Дали се согласуваш со тоа, дали е во ред?“
– Размислете дали вашето дете е доволно старо за да преземе одговорност. Некои одговорности, како што се на пример задачите за лична нега или надзор на братот или сестрата, можеби не се соодветни за возраста на вашето дете.
– Размислете за тоа колку често и колку долго детето помага. Можете дури и да водите евиденција повеќе од една недела за да добиете точна идеја.
– Анализирајте што се случува во животот на вашето дете во моментот кога барате од него дополнителна помош за другото дете со тешкотии во развојот. На пример, дали детето тогаш учи за тестови или испити? Дали сака да поминува време со пријателите?

Семејни улоги и задачи

Добро е да се осигурите дека сите во вашето семејство имаат некои улоги во завршувањето на семејните задачи. Ова го вклучува и детето со тешкотии во развојот, како и другите деца. Тоа испраќа моќна порака за праведноста кон сите ваши деца, што може да помогне во градењето односи помеѓу браќата и сестрите. Клучот е избор на задачи кои одговараат на возраста и вештините на сите ваши деца, но и да се осигурите дека секое дете може нешто да направи.

Семејни правила

Доследните правила и последици за сите ваши деца испраќаат порака дека сите се важни и еднакви. На пример, ако вашето семејно правило е сите да се обраќате љубезно едни кон други, вашето дете со тешкотии во развојот би требало да се придржува до ова правило баш како и другите деца. Ако кршењето на правилата има последица, детето мора да се извини и тоа се однесува на сите. Исто така, можете да се обидете доследно да ги пофалите децата за доброто однесување, што ќе ја зголеми веројатноста дека така ќе се однесуваат и во иднина. На пример: „Марија, навистина ми се допаѓа како си ја наместила масата откако те замолив. Ти благодарам“.

Како да се грижите за себе

Еден од најдобрите начини на поддршка и грижа за сите ваши деца е да водите сметка и за себе. Ако сте во добра физичка кондиција, се чувствувате добро и среќни сте, тоа ве одржува во добра форма за да можете да водите грижа и за другите луѓе. Ако сте под стрес и сте премногу оптоварени, потешко ќе ви биде да се грижите за децата и да им помагате да се грижат едни за други. Ако ви е тешко, побарајте помош од својот лекар или друг здравствен работник. Тоа е важно за ваше добро, а и за доброто на сите во семејството.

Извор



912

X