Сојузната статистичка канцеларија во Германија објави истражување за семејните трошоци за децата. Според тоа, пресметките покажуваат дека просечниот трошок на родители на дете до 18 години изнесува околу 150.000 евра.

Само почетната опрема за бебиња чини околу 3.000 евра. Цената на градинка е околу 400 евра, плус околу 250 евра месечно. Трошоците во истражувањето се поделени во три возрасни групи – 0-6 години, 6-12 години и 12-18 години.

Месечните трошоци се зголемуваат со секоја година од животот на детето. Така, иако првата година од животот на малечкото новопечените родители сè уште имаат корист од помошта, во облик на подароци, заеми и поддршка од семејството и блиските, сепак, патувањата за одмор, хобијата и подоцна училишните излети си ги финансираат самите родители… А, и списокот со роденденски желби понекогаш може да биде подолг.

Кај децата од 6 до 12 години, додека родителот сè уште се обидува да го поттикне малечкото да си игра надвор, денес паметните телефони, таблетите, видеоигрите и компјутерите обично му изгледаат многу попривлечни… Според германската канцеларија, еден ученик во првите неколку училишни години ги чини родителите околу 686 евра месечно. Годишниот одмор, нега, хобија и слично – не се вклучени овде.

Од 12 до 18 години

По 12-тата година, односно на почетокот на пубертетот, повторно се зголемуваат месечните трошоци. Севкупно, родителите потоа треба да одвојуваат околу 784 евра месечно за детето. Тинејџерите во тоа време јадат повеќе и секогаш ја бараат најмодерната облека. Тука е, секако, и џепарлакот за рекреативни активности…

Како заклучок… Од раѓањето до шест години детето ги чини родителите 587 евра месечно, околу 7.000 евра годишно, 42.260 за шест години.

За дете од 6 до 12 години, потребни се 686 евра месечно, околу 8.200 евра годишно, 49.400 за шест години.

Тинејџер од 12 до 18 години троши 784 евра месечно, 9.400 евра годишно, 56.400 за шест години. Вкупно: 150.000 евра за едно дете.

Има и добра вест во оваа пресметка… Доколку во домаќинството има повеќе деца, просечните трошоци по дете се помали. Главно затоа што може да се купува, готви и планира во поголеми количини. Облеката и играчките, исто така, може да ги наследат помалите деца.  

Извор: МИА



912

X