Од утре почнуваме со ограничување на движењето на сите граѓани (полициски час), објави премиерот Оливер Спасовски.

Се забранува движење на населението во периодот од 21 до 6 часот секој ден, за да се спречи ширењето на коронавирусот!

Од оваа забрана се исклучуваат лицата кои имаат потреба од итна медицинска помош/животно загрозувачка состојба/лица на дијализа, исклучуво во придружба на најмногу две лица. Доколку поради итноста на здравствената состојба возилото биде запрено од полициска придружба, дополнително ќе се евидентира и ќе се провери оправданоста на излегувањето и превозот до здравствената установа, преку приложување на медицинската документација по завршувањето на медицинскиот преглед.

– Директорите на јавно здравствените установи ќе изготват список на вработени лица за кои се предвидува дека ќе имаат неопходна потреба за движење вон лимитираното време и ќе го дистрибуираат до Министерството за внатрешни работи или друго министерство/установа, со цел изготвување на специјални пропусници/легитимации за лицата кои ќе можат да се движат вон рестриктивните часови. Со тоа МВР ќе има комплетен увид за временскиот период кога овие лица ќе се движат.

-Да се ограничи бројот на дежурни аптеки на територијата на градовите и да се назначат од Министерството за здравство или Агенцијата за лекови-МАЛМЕД или Фондот за здравствено осигурување одреден број на аптеки кои ќе дежураат во рестриктивниот период, а во исто време да бидат локациски поврзани со дежурните здравствени институции. Пристапот до дежурните аптеки ќе биде достапен за лицата кои биле на преглед. Се забранува движење на возила од јавен превоз од 21 до 6 – рече Спасовски во своето обраќање.

Во трговските објекти, аптеки и јавни установи кои даваат услуги за населението каде плаќањето и работата се одвива на каси или шалтери треба да се ограничи присуството на граѓаните согласно бројот на каси односно шалтери (колку каси/шалтери толку граѓани во исто време), односно врз основа на големината на објектот. Времетраењето на задржување во овие објекти го ограничуваат и одредуваат менаџерите на објектите.

Од мерките се исклучуваат вработени во МВР, АРМ, противпожарната служба и екипи на комунална хигиена, кои се на смена за време на полицискиот час.

-Да се организира меѓуградскиот и јавниот превоз со ограничување на капацитетот за превоз на патници за 50% во возилото, или со задолжително одржување на растојание од најмалку два метри меѓу патниците – рече Спасовски.
Такси компаниите за време на полицискиот час треба да одредат ограничен број на дежурни возила кои ќе возат само од и до здравствени установи и аптеки. Таксистите задолжително треба да се заштитени со маски и ракавици.

Спасовски потсети дека е забрането собирање и групирање на повеќе од 5 лица и во периодот од 24 часа. -Нема компромис кога здравјето на граѓаните е во прашање, мерките мораме сите да ги почитуваме, само така ќе си ги спасиме народот и државата – рече Спасовски.



912

X