Првата национална платформа за далечинско учење од утре ќе биде достапна за сите основни и средни училишта во Македонија, соопшти на денешната прес-конференција министерот за образование и наука Арбер Адеми. Е-училницата ќе биде достапна на www.eduino.gov.mk. Секоја наставна единица од секој предмет ќе биде снимена и прикажана онлајн. Повеќе од 600 наставници се пријавиле да учествуваат. Адеми рече дека сме во вонредна состојба, но ќе има и полагање на државна матура и упис на факултетите. Кога ќе биде тоа, зависи од развојот на настаните со коронавирусот.

Во Министерството за образование и наука досега се најавени 1.000, а пристигнати се 400 снимени лекции.

– Внимаваме да нема повторување на лекциите, ги следиме програмите во учебниците. Секоја лекција ќе трае по 15 минути, и ќе бидат проследени со презентации и објаснувања. Ве молам сите да учествувате во проактивноста на учениците за да не изгубат дел од наставниот материјал – рече Адеми.
Платформата е направена во соработка со Бирото за образование (БРО), УНИЦЕФ и други невладини организации, по пример на систем што се користи во Хрватска.
Тој нагласи дека вчера Владата донесе уредби за наставата во сите образовни институции преку далечинско учење. Тоа важи за сите, за деца од предучилишна возраст, основно и средно образование, високото образование и јавните научни институти.

На прашањето како ќе се оценуваат учениците, Адеми рече дека во БРО веќе подготвува препораки и упатство кои ќе бидат доставени до секој наставник.
Во однос на прашањето кое најмногу ги засега матурантите, тој рече дека внимателно ја следат ситуацијата.
– Зависи колку ќе трае состојбата, ќе преземеме чекори. Датумите за полагање на државна матура се предвидени со календарот, веќе има предлог од Државниот испитен центар, ќе одлучуваме според ситуацијата. Нема место за паника. Ќе има и полагање на државна матура и упис на факултетите – рече Адеми.

Арбер Адеми

На прашањето што со наставата за оние што немаат пристап до интернет, тој објасни дека овој начин на организирање и реализирање на наставата има предизвици.
– Но, целата територија на Македонија е покриен со интернет. Добар дел од учениците, особено студентите, имаат алатки за следење на наставата, може да се следи преку паметни телефони. Секако им стоиме на располагање на сите родители да ги пријават проблемите во МОН – рече Адеми.

Тој додаде дека најголемиот предизвик е кај учениците, особено тие на помала возраст.
– Не знаат сите мали да ракуваат со ИТ-уреди. Процесот не е без предизвици, сите треба да се вклучат, и наставниците и родителите – рече Адеми.



912

X