Се сеќавате ли на вашето детство? Времето кога мислевте дека можете да направите сè што ќе посакате. Дека имате крилја. А дали се сеќавате на времето кога престанавте да верувате во тоа? Кога се случи тоа? Некако спонтано, незабележително. Кој ви ги исече крилјата? Се сеќавате?

Не дозволувајте истото да им се случи и на вашите деца. Не дозволувајте некој друг да им го вреже уверувањето дека не се доволно добри, убави, паметни, уникатни. Зошто ви го пишувам ова? На ова ме поттикна една ситуација: Филип дојде од тренинг, седна и ја наведна главата. Го прашав што се случило, а тој ми рече дека тренерот му кажал оти игра фудбал како некоја баба и дека од него никогаш ништо нема да стане. Тогаш му реков да ме погледне в очи и му реков:

– Никогаш, ама баш никогаш немој да дозволиш некој да те убеди дека нешто не можеш или дека не си доволно добар! Само ти можеш да одредиш кои се твоите можности, што можеш, што сакаш и што ќе постигнеш. Никој друг. Ако никој не верува во тебе, јас ќе верувам. Ако сите мислат дека нема да успееш, ти и јас ќе знаеме дека ќе успееш ако го посакуваш тоа доволно силно. Не е важно дали ќе бидеш најдобар фудбалер. Важно е да веруваш во себе и да го дадеш својот максимум во тој момент. А сè друго се само зборови на кои не треба да обрнуваш внимание. Ти си одличен баш таков каков што си. Сакам тоа да го запомниш!

Насмевката срамежливо се појави на неговото лице. „Знам!“, ми одговори.

Сигурна сум дека уште милион пати ќе треба да ја кажувам истата приказна, но ќе ја кажувам колку и да треба бидејќи никој не може на моите деца да им ја сруши самодовербата како што јас како мајка можам да ја зголемам. Никој!

Верувајте во вашите деца и кажете им го тоа. Мораат да знаат дека нивните соништа се само нивни и дека само тие можат да ја постават границата до која сакаат да одат. Никој друг. Бидејќи тие се важни. Нивните соништа се важни. Поддржете ги во тоа. Научете ги да не се откажуваат само затоа што некој им рекол дека нешто не можат, да не се откажуваат при првата препрека. Научете ги да веруваат во себе, да веруваат во чуда и да веруваат дека и тие самите создаваат чуда.

Бидете им ветер во грбот и покажете им како да ги рашират своите крилја. Пуштете ги да летаат. Бидете им ментор на децата, а не некој што ги става во рамка. Пуштете ги да имаат големи соништа, а вашиот најголем сон како родител нека биде да им помогнете во остварувањето на соништата. Само така ќе ја исполните својата цел како родител.

Извор

 



912

X