Здравје

Од отворањето на градинките досега: 33 деца и 109 вработени позитивни на Ковид-19 досега

Во моментов во изолација се 107 вработени и 650 деца, информира Шахпаска

Од 9 септември, кога беа отворени детските градинки, па до денеска се регистрирани вкупно 33 деца позитивни на коронавирусот и 109 вработени, а во моментов во изолација се 107 вработени и 650 деца, информира министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.

Таа објасни дека поголемата бројка на деца во изолација е поради тоа што еден позитивен негувател или воспитувач повлекува во изолација цела група од најмалку 15 деца и еден негов колега. Таа вели дека состојбата во градинките е под контрола и оти тоа може да се види од досегашниот број позитивни случаи и лица во изолација, ако се има предвид дека во моментов околу 11 илјади дечиња се згрижени во овие установи.

– Кога зборувам за изолација, не сакам јавноста да биде дезинформирана. Тоа е вкупен број на лица ставени во изолација поради контакти. Тие не се позитивни. Нагласувам дека лицата што се ставени во изолација не се позитивни. Велиме дека состојбата е стабилна врз основа на фактот што 11 илјади деца во моментов престојуваат во градинките. Од тие 11 илјади во изолација се ставени околу 650 дечиња. Будно ја следиме состојбата и како ќе се одвива епидемиолошката состојба, така и ќе се спроведуваат одлуките што ќе ги носат и Министерството и Владата – рече Шахпаска одговарајќи на новинарско прашање по потпишувањето на Договорот за грант за изградба и реконструкција на градинки со градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари.

Фото: МТСП

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top