Сите ние живееме полн со обврски, стресен живот и имаме бескрајни грижи како родители, но јасно е дека една од најважните работи што треба да ги направиме е да застанеме за момент и да им ја дадеме целата можна љубов на нашите деца.

Истражувањата во текот на изминатата деценија ја нагласуваат врската помеѓу љубовта во детството и здравјето во иднина. Науката ја поддржува идејата дека топлината и љубовта што родителите им ја искажуваат на своите деца резултираат со доживотни позитивни резултати.

Поголема самодоверба, подобрени образовни вештини, подобра комуникација помеѓу родителите и децата и помалку психолошки проблеми и проблеми во однесувањето се поврзани со родителската љубов.

Од друга страна, децата чии родители немаат тенденција да покажуваат љубов, имаат пониска самодоверба и се чувствуваат повеќе отуѓени, непријателски настроени, агресивни и антисоцијални.

Многу истражувања спроведени неодамна ја истакнуваат врската помеѓу родителската наклонетост и љубов и среќата на децата и нивниот успех.

Во 2010 година истражувачите од Медицинскиот факултет на Универзитетот „Дјук“ откриле дека бебињата чии мајки се внимателни и покажуваат љубов кон нив растат во посреќни, поотпорни и помалку вознемирени личности. Истражувањето вклучувало околу 500 луѓе што биле следени уште како бебиња до нивната 30-годишна возраст.

Кога бебињата имале осум месеци, психолозите ги следеле интеракциите на мајките со нив, како што правеле неколку развојни тестови. Психолозите ги оцениле вниманието и љубовта на мајката на скала од пет точки, рангирајќи од „негативно“ до „екстравагантно“. Речиси 10 отсто од мајките покажале ниско ниво на наклонетост и љубов, 85 отсто покажале нормална количина на наклонетост, а околу 6 отсто покажале високо ниво на наклонетост.

30 години подоцна истите лица биле интервјуирани за нивното емоционално здравје. Возрасните чии мајки покажале „екстравагантна“ љубов имале многу помала веројатност од другите да се чувствуваат под стрес или вознемиреност. Исто така, имале помала веројатност да покажат непријателство, вознемирувачки социјални интеракции и психосоматски симптоми.

Истражувачите вклучени во истражувањето заклучиле дека хормонот оскитоцин може да биде одговорен за овој ефект.

Окситоцин е хемикалија во мозокот што се ослободува кога лицето чувствува љубов и поврзаност. Тоа им помага на родителите да се поврзат со нивните деца, додавајќи чувство на доверба и поддршка. Оваа врска најверојатно му помага на нашиот мозок да произведе и да користи окситоцин, предизвикувајќи детето да чувствува попозитивни емоции.

Следно, истражување од Универзитетот на Калифорнија, Лос Анџелес, од 2013 година покажа дека безусловната љубов и љубовта од родителите можат да ги направат децата емотивно посреќни и помалку вознемирени. Ова се случува бидејќи нивниот мозок се менува како резултат на наклонетоста.

Од друга страна, детската злоупотреба и недостигот на љубов влијаат врз децата и ментално и физички. Ова може да доведе до сите видови здравствени и емоционални проблеми во текот на нивниот живот. Она што е фасцинантно е дека научниците сметаат дека родителската наклонетост всушност може да ги заштити луѓето од штетните ефекти од стресот во детството.

Потоа, истражување во 2015 година од Универзитетот „Нотр Дам“ покажа дека децата што почувствувале љубов од нивните родители се посреќни како возрасни. Повеќе од 600 возрасни лица биле анкетирани за тоа како биле одгледани, вклучувајќи ја и физичката наклонетост што ја почувствувале.

Исто така, истражувачите ги проучувале придобивките од контактот кожа на кожа кај доенчињата.

Оваа посебна интеракција помеѓу мајката и бебето особено им помага на бебињата да се смират, помалку да плачат и повеќе да спијат. Исто така, истражувањата откриле дека овој контакт го поттикнува развојот на мозокот. Научниците веруваат дека недостигот на физички контакт во сиропиталиштата е главниот фактор за физичките промени кај децата.

Како можете да внесете повеќе нежност и наклонетост во вашето семејство?

1. Од моментот кога ќе го донесете вашето бебе дома од болница, не заборавајте да го држите в раце, допирате и нишате.

Поминувајте колку што е можно повеќе моменти галејќи го вашето бебе така што неговата кожа ќе ја допира вашата кожа.

2. Како што ќе растат, играјте со нив.

Правете забавни активности, како танцување заедно или смислете некои интересни игри.

3. Поставете потсетник за гушкањето да биде дел од вашата дневна рутина.

Ако ова е она што ви е потребно, тогаш поставете аларм. Гушкајте ги вашите деца во одредени периоди од денот, на пример, пред да одат на училиште, кога ќе се вратат дома и пред спиење.

4. И кога го дисциплинирате вашето дете, покажете љубов.

Додека разговарате со вашето дете за тоа што направило погрешно, ставете ја вашата рака на неговото рамо и прегрнете го на крајот од разговорот за да знае дека иако не сте задоволни од неговото однесување, сè уште го сакате.

Бидете внимателни да не претерате. Почитувајте ги нивните индивидуални нивоа на удобност и бидете свесни дека ова ќе се промени како што тие ќе минуваат низ различни фази.



912

X