46-годишната Аманда Овен ја напуштила кариерата како модел за да стане овчарка. Таа и нејзиниот 67-годишен сопруг Клајв имаат девет деца – од 20-годишниот Равен до 4-годишната Ненси. Градската врева ја замениле со мирен живот на фарма и тие се ѕвезди на реалното шоу „Нашата јоркширска фарма“.

Заедно со децата, Овен се грижи за илјада овци, како и за малото хотелче што нуди сместување за туристите. Како што вели, може да се пофали со 15-годишен стаж во доење.

– Доењето е многу поедноставна опција кога сте на фарма отколку подготвувањето шише со адаптирано млеко – објаснува таа.

Сите деца се вклучени во активностите на фармата и околу фармата, и секој може да најде нешто за себе. Семејството одгледува кокошки, крави и овци.

– За да функционира сè, секој мора да си го заврши својот дел од работата – вели Аманда.

Нејзиниот најстар син ја напуштил фармата поради праксата што мора да ја помине за да добие диплома за автомеханичар. Со оглед на тоа што живее на прилично оддалечена фарма, на речиси 111 километри од болницата, таа сите деца ги родила дома или во близина на фармата. Шест од нејзините деца ги родила покрај патот бидејќи не можела да стигне навреме во болница.

При раѓањето на нејзиното осмо дете, Аманда сама се породила. Друштво ѝ правело едно од кучињата. Како што вели, нејзиниот сопруг го пропуштил породувањето.

– Го ставив котелот, го разгорив огнот и се породив пред огнот, а териерот ми беше поддршка во раѓањето – вели Аманда.

– Искрено, Клајв не сакаше да присуствува на породувањето, па остана да спие горе. Тој присуствуваше на сите шест претходни породувања, и целиот живот го поминавме породувајќи нешто, па воопшто не ми пречеше што не сакаше да биде присутен. Го направив тоа сама и среќна сум и задоволна – додава таа.

Иако за некои ќе звучи стресно, Аманда вели дека тоа било нејзиното најрелаксирачко породување.

Како што вели, воопшто не забележала дека повторно е бремена со деветтото дете.

– Беше вистински шок затоа што немав никакви знаци на бременост. Дознав дека сум бремена во шестиот месец, кога сфатив дека не изгледам толку слаба како и обично, па отидов кај матичниот доктор – вели таа.

Тие се запознале пред 25 години кога Аманда отишла на фармата да работи како овчарка. Тогаш имала 21 година, а Клив бил разведен и живеел со двете деца во тоа време.

Извор



912

X