Месецов до службите за имунизација ќе бидат дистрибуирани по 90 илјади дози од вакцините за стрептокока пневмонија и за рота вирус. Овие вакцини Министерството за здравство ги воведува во редовниот Календарот за имунизација, но засега не се задолжителни. Од наредниот месец родителите кои сакаат да ги вакцинираат децата ќе може да го сторат тоа.

На вчерашната 139. владина седница, прифатена е Информацијата за прогресот на активностите во реализацијата на Акцискиот план за воведување на вакцинација за заштита од пневмокок и рота вирус.
– Во текот на овој месец, до службите за имунизација ќе бидат дистрибуирани дози од двете вакцини. Почнувајќи од јули родителите коишто сакаат нивното дете да прими некоја од вакцините, ќе имаат можност за тоа. Две различни вакцини се даваат во различен период – велат од Министерство за здравство.

Оттаму објаснуваат дека вакцинирањето е најдобар начин да се заштитат малите деца од рота вирусот.
-Се спречува развој на симптоми на заболувањето како: дијареа, повраќање, стомачна болка и дехидратација. Ја намалува потребата од престој во болница и со вакцината се заштитени најголем процент од децата кои ја примиле (9 од 10 деца).

Пневмококните инфекции се чести во детска возраст, посебно кај оние деца кои одат во градинка.
– Со вакцинацијата се намалува и можноста за пренос на вирусот. Претходно прележана пневмококна инфекција не значи заштита од идни пневмококни болести. Вакцина е најдобар начин детето да се заштити – објаснуваат од министерството.

Вакцина за рота вирус се дава на возраст од 2, 4 и 6 месеци.

– Онаа на стрептокока пневмонија децата ја примаат на 2, 4 и 12 месеци. За рота вирус се вакцинираат само новороденчиња, а од стрептокока пневмонија може да се заштитат деца до пет години – вели проф.д-р Александра Грозданова, претседателка на Комитетот за имунизација.



912

X