Здравје

Од чепкање нос до воспаление на белите дробови

Сите веќе знаеме за важноста на одржувањето на хигиената. Редовната и правилна хигиена на рацете, чистењето на играчките и миењето на другите површини би можеле значително да го намалат ширењето на бактериите, а со самото тоа и ризикот од развој на пневмококни инфекции, какво што е воспалението на белите дробови.

Едни од причинителите на бактериското воспаление на белите дробови се пневмококите. Инфекцијата на белодробното ткиво, која може да биде и смртоносна ако не се лекува, се пренесува преку воздухот. Практично тоа значи најчесто со кашлање и кивање на заразени индивидуи.
Британски научници сега тврдат дека првпат докажуваат дека оваа бактериска болест може да се пренесе и преку рацете.

Во студијата, чии резултати се објавени во списанието „Еуропиан респиратори“, им втриле пневмококи во рацете на група возрасни волонтери. Потоа испитаниците добиле непријатна задача да повторуваат неколку најчести постапки, меѓу кои и т.н. копање нос.

– Студијата покажа на кој начин таа бактерија може да се рашири и преку рацете. Дури и предметите, како што се мобилниот телефон и детските играчки, можат да придонесат за нејзино ширење – објасни Викторија Конор, научник од универзитетската болница „Ројал“ во Ливерпул.

На светско ниво воспалението на белите дробови секоја година усмртува околу 1,3 милион деца помали од пет години.
Со оглед на тоа што истражувањето било спроведено врз возрасни лица, Конор наведува дека резултатите од студијата се насочени пред сè кон родителите на мали деца.

– Можеби е нереално да се очекува да се спречи засекогаш децата да го чепкаат носот, но се советуваат родителите за редовна хигиена на нивните раце. Исто така, императив е и чистењето на играчките и на другите површини за да се намали ширењето на бактериите, како и ризикот од развој на пневмококна инфекција, какво што е воспалението на белите дробови – вели Конор.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top