Да се укине ослободување од работа за бремените жени, како и сертификатот за излез од земјава, предложи Комисијата за заразни болести
Последниот скрининг направен во училиштата досега покажа дека од 800 деца тестирани за ковид-19 само 8 се позитивни, соопшти д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести на денешната прес-конференција. Тој објасни дека тоа е само еден процент од тестираните ученици и дека скринингот ќе продолжи додека не се исполни предвидената бројка меѓу 1.800 до 3.000 тестирани деца, со цел податоците да бидат релевантни.
Комисијата за заразни болести денеска предложи две мерки до министерот за здравство.
– Едната мерка се однесува за бремените жени, односно да се укине нивното ослободување од работа, изјави доктор Злате Мехмедовиќ и ги повтори препораките дека вакцинацијата на бремените жени е безбедна и препорачлива.
Втората мерка е укинување на задолжителното поседување негативен ПЦР-тест или потврда за прележаност или вакцинација при излез од Македонија, ова се однесува само за граничните премини на нашата земја и не важи за влез во земјата.
Предлог-мерките на Комисијата се доставени до министерот, а потоа ќе бидат дадени на разгледување во Главниот кризен штаб.