Од 1 октомври стартуваат новините при издавање и подигнување лекови на државен трошок, за кои граѓаните со здравствено осигурување плаќаат партиципација. Ден Дончев, директорот на Фондот за здравствено осигурување, вели дека за половина месец ќе почне т.н. нулта фаза, која предвидува при потпишување рецепт и при подигнување на лекот да се покаже лична карта, односно пасош.

– Рецептите на хартија ќе се елиминираат, а ќе се воведат електронски рецепти. Ќе се воведе систем на скенирање на документите, преку што ќе се води евиденција на издадени и подигнати лекови и рецепти. За деца, лекови ќе може да подигнуваат нивните родители со приложување лична карта. Тоа ќе може да го направи и некој што не е родител, сѐ што треба е да покаже своја лична карта – вели Дончев.

Во овој период се укинуваат квотите за издавање лекови во аптеките, па граѓаните треба да може да ги најдат во кој било ден од месецот.

Дончев најави дека ќе биде воведен и т.н. систем на црвени знамиња, односно ќе се следи колку рецепти издале докторите.

Ден Дончев и Орхан Рамадани

– Во просек, секој граѓанин подигнува по два рецепти месечно. Ако докторот издавал 20, а потоа издава, на пример, 40 рецепти, тоа е индикација за проверка. Ако се тие рецепти валидно, односно оправдано издадени, никому ништо – појасни Дончев.

Пациентите со хронична терапија се најзагрижени од најавените новини. Орхан Рамадани, заменик-директор на Фондот, рече дека независно дали се работи за хронично болни или не, лековите ќе можат да си ги подигнуваат со приложување лична карта, а во нивно име ќе може тоа да го прави и друго лице.



912

X