Кога би се угледале на Финците, чиј образовен систем со години е еден од најдобрите на светот, би останале без класичните предмети. И повеќе би се занимавале со тимска работа, во која наставникот не држи „говори“, туку разговара со учениците. Имено, Финците вовеле вистинска револуција, одлучувајќи децата во училиштата да не го учат материјалот поделен на историја, биологија, математика, хемија, туку различните поими и појави од тие науки да ги проучуваат на интердисциплинарен начин. Така нивните ученици ќе ја проучуваат, на пример, Втората светска војна од перспектива на повеќе предмети, како што се математика, географија и историја.

Во рамките на новиот модул „Работа во кафуле“, учениците ќе усвојуваат знаења од економија, англиски јазик и вештини на комуникација. Акцентот ќе биде ставен на тимската работа, а целиот материјал ќе се учи преку дискусија наместо наставникот да зборува, а децата да слушаат и да молчат, па на крајот да постават прашања за нешто што ги интересира.

Државниот план да се укинат традиционалните предмети од наставната програма е најрадикален потег на кој се одлучиле Финците. Новиот систем за почеток ќе им биде претставен само на постарите ученици. Тие ќе ја имаат привилегијата да ги изберат темите што сакаат да ги проучуваат на училиште и кои ги сметаат за важни за својата идна кариера. Ќе се води сметка за индивидуалните желби и способности, па децата нема да мора да се занимаваат со работи што не ги интересираат и во кои лошо им оди. Исто така, ќе се крене степенот на стручност и нивото на самодоверба, на што Финците инсистираат.

– Потребите на учениците постојано се менуваат – вели Марјо Килонен, шеф на секторот за образование во Финска. – Стариот образовен систем беше во корист на учениците на почетокот на минатиот век, но вештините што тие мора да ги развијат за да остварат успех во 21 век е невозможно да се совладаат доколку и понатаму се држиме до архаичните методи.



912

X