Околу 17.000 деца од семејства со ниски или без приходи ќе добијат образовен додаток, иако во периодов децата не одат на училиште. Услов за образовниот додаток беше редовна посета на наставата, за што се вадеше потврда. Сега додатокот ќе се добива без оваа потврда за редовност.
Продолжени се и роковите за поднесување на барањата за еднократна парична помош за новороденче, за родителски додатоци за трето и четврто дете, соопштија на денешната прес-конференција заменик-министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар и дополнителната заменик-министерка Санела Шкријељ.
– Со овие мерки се опфатени и децата, како најранливи на стресовите кои едноподруго се случуваат во кризни услови. Многу значајно е децата од семејства без или со ниски приходи да добијат дополнителна поддршка. Владата донесе уредба за престанување на важење на условот за потврда за редовност за исплата на додатокот за образование за третиот и четвртиот мерен период за учебната 2019/2020 година за да го олесниме пристапот до овие права. Тоа значи дека исплата на образовен додаток ќе добијат околу 17.000 деца – рече Шкријељ.
Продолжени се и роковите за поднесување на барањата за еднократна парична помош за новороденче, за остварување и продолжување на родителски додаток за трето и за четврто дете. Барањата за овие права можат да се поднесат за три месеци од денот на истекот на траењето на вонредната состојба.