До својата 13. година дури 80 отсто од девојчињата веќе ги менуваат, ги уредуваат своите фотографии пред да ги објават на социјалните мрежи, според истражувањата во САД. Познавајќи ја ситуацијата и кај нас, сигурно се слични.
Младите денес голем дел од својот живот го поминуваат на „Инстаграм“ и „Тик-ток“. Тоа се места каде што сакаат да се претстават во најдобро светло, а следбениците и лајковите се она што на многумина им е потребно за да се чувствуваат вредно. Познати манекенки, пејачки, влијателни личности кои на фотографиите изгледаат совршено, се идеалот кон кој се стремат денешните девојчиња. А притисокот што го чувствуваат додека бројат „лајкови“ секојпат кога ќе објават фотографија, многумина од нив ги води до депресија и анксиозност.
Познатите девојки, жени, секојдневно објавуваат свои фотографии кои претходно поминале низ апликации за средување и еден тон филтри, со желба да им се претстават како совршени на своите следбеници. Тоа дури и не е некаква тајна, па многумина од нив делат и совети како да направите совршено „селфи“.

Се почнува од ретуширање и менување на изгледот на фотографиите. Следниот чекор се нацртаните веѓи, вештачки трепки, филери во усните. Селфи-генерацијата е резултат на светот во кој е убава само идеалната убавина, каде што секој недостаток се смета за хендикеп, а убавината не е во единственоста, туку напротив, во тоа сите да изгледаме исто. Обидувајќи се да укаже на овој проблем, кој на девојчињата им ја руши самодовербата и прави да се чувствуваат помалку вредни бидејќи не се совршени, компанијата „Дав“ објавила одлично видео со наслов „Селфи наназад“. Погледнете го и проценете – дали убавината е само она што го гледаме на социјалните мрежи или убавината е она што всушност сме и што нè прави единствени.
Научете ја својата ќерка дека таа е само една и единствена, таква каква што е. Дека не постои слична на неа и дека тоа е она што треба да го чува.