Дознајте како се избира облека за новороденче, како најлесно да го облечете бебето и да бидете сигурни дека не му е ниту топло ниту студено.

Во колку слоеви облека треба да биде облечено новороденчето?

На новородените бебиња мора да им биде топло. Кога е студено, најдобро е на бебето да му облечете повеќе слоеви. По потреба, кога влегувате во продавница или на други топли места, можете да извадите еден слој или два. Општото упатство е на бебето да му облечете онолку слоеви на облека колку што носите вие, плус еден дополнителен слој за сигурно да му биде топло. Важно е да му биде топло, но важно е и да не му биде претопло. Затоа немојте да го замотувате бебето во ќебе. Лесна ткаенина е подобра опција затоа што се помали шансите на бебето да му биде претопло. Бебињата брзо растат, па купувајте што помалку облека во секоја големина.

Како да го облечете новороденчето?

За многу новородени бебиња облекувањето и соблекувањето се вознемирувачки искуства. Колку  сте побрзи и посмирени, толку тој процес ќе биде помалку стресен и за вас и за бебето. Еве неколку совети што може да ви помогнат:

– Бидете сигурни дека во просторијата е топло, а потоа спуштете го бебето на мека површина.
– Ставете му на бебето прво пелена за случајно да не уринира врз вас.
– Раширете го отворот за врат на бодито додека ја придржувате главата на бебето и навлечете го бодито од тилот кон напред. Внимавајте додека го навлекувате бодито да не го допирате лицето на бебето. Малите бебиња знаат многу да се возбудат кога облеката ги гребе по лицето.
– Кога го соблекувате бебето, направете сè по обратен редослед и повторно внимавајте облеката да не му го допира лицето.
– Внимателно повлечете ги рачињата низ отворите за раце.
– Ако на бебето му облекувате комбинезон, прво откопчајте го, па спуштете го бебето на него, вметнете ги рачињата и ножињата, а потоа закопчајте го.
– Ако излегувате на сонце, внимавајте рацете и нозете да му бидат прекриени со облека.

Најдобро би било бебето воопшто да не излегува на сонце. Додека го облекувате, зборувајте му, пејте песнички, смејте се и правете необични изрази на лицето. На тој начин ќе му го оттргнете вниманието од пресоблекувањето. Низ приказната и пеењето се зближувате со бебето.

Како се пере облеката за новороденчињата

Облеката за бебето можете да ја перете заедно со вашите работи, но избегнувајте силни детергенти и омекнувачи. Тие може да ја иритираат кожата на бебето. Пред да ги ставите памучните пелени и валканата облека во машината за перење, потопете ги во вода со средство за перење. Ова практично важи и за облеката кога бебето ќе почне да јаде и цврста храна. Дури и со лигавче, облеката најверојатно ќе биде полна со дамки од храна и пијалак.

Како да го облечете бебето за спиење

Облечете го бебето во доволно слоеви за да му биде топло и без ќебе. Кога бебето ќе почне да се движи во креветчето, може да се открие, па ќе му биде студено ако не е добро облечено. Ако го облечете во неколку слоја, можете да додадете или да извадите еден слој ако температурата се промени.

Кога го облекувате за спиење, размислете во што вие би се облекле. Така облечете го и бебето.

Бебето не треба да спие со капа

Бебињата се ладат со отпуштање на топлината од главата и лицето. Може брзо да се прегреат ако заспијат со капа. Затоа е важно главата да им остане откриена додека спие. Исто така, капите се опасни бидејќи може да доведат до давење во текот на спиењето. Кога влегувате во куќа или во кој било друг топол простор, извадете му ја капата на бебето за да не му биде претопло.

Како да знаете кога на бебето му е топло, а кога ладно?

Бебешките дланки и стапала се често ладни, затоа тие не се добар показател за телесната температура на детето. За да проверите дали на бебето му е топло или ладно, допрете му го грбот или стомакот. Ако користите кенгур или марама за носење, земете предвид дека топлината на вашето тело, облеката што ја носи бебето и самата носилка ќе го загреат.

Колкава треба да биде температурата во бебешката соба

Нема потреба да се надгледува и коригира температурата во собата на бебето – само облечете го онака како што вие би се облекле. Ако е претопло во собата на бебето, вклучете вентилатор. Поставете го што подалеку од бебето, најдобро на спротивната страна од собата. Никогаш немојте да користите електрично ќебе или шишиња со топла вода за во текот на студените денови така да го загреете детето. Претераното затоплување на бебето може да доведе до изненадувачка неочекувана смрт. На вашето бебе би требало да му биде пријатно  – не смее да биде врело, испотено или студено.

Вреќи за спиење

Безбедните детски вреќи за спиење може да бидат добар избор. Во вреќа за спиење, која мора да биде со соодветна големина, главата и лицето на бебето ќе му останат откриени. Исто така, вреќата спречува бебето во текот на спиењето да се сврти на стомак и оневозможува нозете да му се лизнат низ оградата од креветчето.

Извор



912

X