Ќе започнам со мислата што пред некое време ја прочитав: „Не можете да ги воспитувате децата онака како што вашите родители ве одгледале вас бидејќи вие сте одгледани за свет кој денес веќе не постои“. Би додала дека во тоа одгледување голем удел имаат и наставниците.
Секојдневно на порталите по социјалните мрежи читаме текстови на разноразни теми: како да ги одгледуваме децата, како да се справиме со непослушноста, како мајките да постапат со синови, како татковците со ќерки, како со рационално користење интернет… И сè е некако поврзано со децата и родителите, но не и со наставниците. Тоа веројатно по дифолт се верува дека е под контрола. Никој не ја бара грешката во наставниците или, пак, не сака да ја види?
Сметам дека ако нешто треба да пренесеме од оној наш свет во денешниот, тоа е авторитетот. Да, авторитет не само кон родителите, туку и кон наставниците, кои се столбови на успешно спроведен воспитно-образовен процес.
А како до авторитет кога и самите наставници не знаат да ги користат социјалните мрежи, а на часовите се трудат да го воспостават и да негуваат позитивни особини кои ќе израснат ментално и интелектуално здрави генерации?
1. Фотографии од вашите одделенија кои без сомнение се многу убави немаат место на јавниот интернет-простор. Тоа веќе е добро познато, но секој ден гледам такви слики. Секоја чест за убаво реализирана екскурзија и слично, но на фотографиите не им е местото на интернет.
2. Фотографии што се со контраиндикаторни објаснувања за учењето се апсурд. На пример, коментар на слика со деца: „Уште го чекам денот кога оваа равенка ќе ми биде потребна во животот“, објавен од наставничка е апсурд! А има и такви…
3. Фотографии кога наставничката е во бикини, разубавена во фотошоп-апликации, а во пријатели и минатата и сегашната генерација што ја води…
Не би сакала да звучам критички, но факт е дека ова е наше секојдневие. За одредени вакви и слични примери, авторитетот на наставникот се намалува. Но, не толку во очите на родителите колку во очите на децата. Имам претстава дека на овој свет му фалат многу слики и среќни насмевки кои си наоѓаат вентил токму на социјалните мрежи. Но не заборавајте, тоа е виртуелен свет. Вистинскиот е во вашите домови и училници.
Ќе додадам дека во одредени области во Германија наставниците не смеат да користат социјални мрежи како „Фејсбук“ и „Твитер“ или преку нив да комуницираат со учениците и родителите.
912