Сè што досега сте знаеле за алергиите на кикиритки заборавете го бидејќи доаѓаат нови правила за воведување на оваа намирница која се сметала за високо алергена. Воведувањето на кикиритките во детската исхрана досега не се препорачуваше пред третата година.

Американската академија на педијатрија претставила нови насоки според кои кикиритките треба што порано да им се понудат на децата токму за да се намали бројот на алергиски реакции. Имено, експертите веруваат дека со изложувањето на некоја намирница што порано се спречува појавата на алергиски реакции.

Всушност, повеќе студии спроведени во минатата деценија покажале корист од раното воведување кикиритки кај високоризичните бебиња, на возраст од четири до шест месеци, но со соодветен медицински надзор. Бебињата што не спаѓаат во потенцијалната високоризична група можат да почнат да консумираат кикиритки со навршени шест месеци или подоцна, следејќи ја шемата на вообичаената семејна исхрана. Порано се сметало дека децата што се подложни на алергии не би смееле ниту да се приближат до кикиритки пред да навршат три година. Но, 2019 година донесе промени, па се смета дека со раното изложување на алергени намирници се намалува можноста од алергиски реакции во иднина.

Родителите се прашуваат како да се знае дека детето е во високоризична група, односно дека би можело да биде алергично на кикиритки.

Индикациите за тоа, одговараат експертите, се алергиите на јајца и сериозниот исип кој се појавува. Предлагаат разговор со педијатри и одредени тестови за да се потврди алергијата и да се одреди најдоброто време за „пробување на кикиритките“. Притоа треба да се има на ум дека на децата не смеете да им давате цели кикиритки поради ризикот од задушување. Почнете, на пример, со прав од кикиритки во кашичка или со лесен намаз од путер од кикиритки на парче леб. Бидејќи густиот намаз може да биде тежок за децата, лекарите советуваат разредување со малку топла вода. Кога еднаш ќе ги воведете кикиритките во исхраната, најдобро е да продолжите да ги применувате, а не да заборавите на нив. Постојаното повторување на некои намирници ја намалува можноста од појава на проблеми.

Некои од симптомите на алергиските реакции на кикиритки може да бидат: отекување на усните, кашлање, повраќање или исип кој изгледа како убод од комарец околу устата или други делови на телото. Симптомите обично се појавуваат веднаш по јадењето.

Извор



912

X