Почна новата учебна година, а со неа почнуваат и тестовите, испрашувањата, колоквиумите, испитите. Те фаќа паника? Но, не грижи се! Постои начин да го победиш стравот.

Почетокот на учебната година, по правило, претставува стрес затоа што најголемиот дел од учениците и студентите немаат јасна стратегија, односно претстава што треба да прават во првите месеци во текот на наставата. Многумина стартот, за жал, го сфаќаат опуштено, вообичено, небаре е дел од секојдневието. Но, почетокот на учебната година претставува одличен момент полесно и поподготвено да се справиш со предизвиците што набрзо ќе следуваат. Ова особено важи за учениците што се најопуштени.

Следните совети може да ти помогнат полесно да се соочиш со предизвиците што ги носи учебната година, односно да успееш да го победиш стравот. Тестовите и испитите воопшто не се наивни, зашто бараат не само знаење, туку и концентрација и смиреност.


– Детално информирај се за материјалот. Многу е полесно кога знаеш на што треба да се фокусираш. Неинформираноста создава страв!

– Направи свој ритам/календар на учење. На тој начин ќе бидеш поподготвен да се соочиш со стресот што ќе следува.

– Додека учиш не треба да јадеш. Оброците следуваат на паузите помеѓу учењето и во слободното време.

– Не е срамота да побараш помош од соученик, наставник или родител. Тоа е полезно и ја јакне самодовербата.

– Биди активен за време на наставата. Пасивноста долгорочно може да ти создаде проблеми. Се разбира дека имаш омилени предмети.

– Увежбувај ситуација како да си на тест кога работиш заедно со соученик или со наставник. Едноставно е да се вклопиш во таквата ситуација: наставникот прашува, а ти одговараш.

– Разговарај со родителите во врска со стравот. Ако го чуваш во себе, стравот се претвора во големо чудовиште што полека ти ја разјадува психата.

– Секако, постојат очекувања, но не потпирај се на нив. Убаво е да бидеш кул, но не ако добиваш оценки од типот недоволен или доволен. Најважно е да дадеш сѐ од себе.

– Оди на тест со ведра мисла. Чувствата имаат големо влијание врз успехот. Погрешно постапуваш ако се исплашиш. Потпри се на своето знаење, на самодовербата, а не на стравот. Секогаш ќе постои нешто што нема да го знаеш.

– Да учиш еден ден пред тест? Тоа не е паметно. Психолозите констатирале дека учењето во последен момент ги буди хормоните на стресот. Последицата е блокада на долгорочните знаења.

– Никогаш не оди гладен на тест. Секогаш касни нешто. Јадењето во никој случај не мора да биде обилно. Но, при стрес по правило паѓа шеќерот, па се јавува внатрешен страв.

Стефан Симовски

– Не можеш да го победиш стравот? Не потклекнувај поради тоа. Стравот е нормална појава. Тој е последица на стресот што го доживуваш.

– Постои проверен метод да се смириш пред да влезеш во училницата. Вдиши и издиши три пати длабоко. Замоли го испитувачот да ти го објасни прашањето ако не ти е доволно јасно. Кога ќе слушнеш нечиј глас, може да влијае смирувачки врз тебе и да те ослободи од психичката блокада. Ако не го знаеш одговорот на некое прашање, не губи време. Веднаш помини на следното небаре решаваш крстозбор.

Автор: Стефан Симовски, професор по германски јазик и книжевност



912

X