Нова студија објавена од Институтот за јавно здравје во Ирска презентира податоци за изгореници од сонце, за соодветно однесување при престој на сонце и користење крем за сончање од страна на децата за првпат. Извештајот кој се однесува најмногу на ризиците од идна појава на канцер на кожа е дел од имплементацијата на Националниот превентивен план за рак на кожа кој се спроведува од 2019 до 2022 година.

Во студијата учествувале вкупно 10.271 дете на возраст од 10 до 17 години. Фокусот е ставен на изгореници во детството, незаштитена изложеност на сонце и користење кремови за сончање. Повторените епизоди на поголеми изгореници за време на детството двојно го зголемуваат ризикот од развој на меланом – најсериозна форма на рак на кожа – подоцна во животот.

Ова се неколку од клучните откритија од студијата:

– Околу 90 отсто од децата рекле дека имале изгореници во својот живот. Околу 74 отсто рекле дека имале изгореници од сонце барем еднаш во изминатата година.
– 9 од 10 училишни деца пријавиле дека ставаат крем за сончање, додека 7 од 10 рекле дека носат очила за сонце во сончевите денови.
– Другите заштитни мерки, како покривање, носење капи и избегнување на изложеност на сонце кога УВ-зраците се најсилни биле помалку застапени.
– 32 отсто од училишните деца пријавиле дека избегнувале изложување на сонце кога УВ-зраците биле најсилни.
– Околу 50 отсто рекле дека носеле заштитна облека за да ги покријат рацете и нозете кога биле изложени на сонце, додека 17 отсто рекле дека никогаш не користат крем за сончање.

– Девојчињата почесто ставаат крем за сончање, очила за сонце, облека која ги покрива рацете и нозете, а почесто избегнуваат и изложување на сонце за време на најсилното УВ-зрачење. Момчињата, пак, повеќе носат капи.
– 3 отсто од децата рекле дека користеле лежалка во последните 12 месеци. Обезбедувањето услуги за сончање на деца на возраст под 18 години е спротивно на ирскиот закон, како што е наведено во Законот за јавно здравје од 2014 година.
– 6 од 10 најтопли години во ирската историја се случиле во текот на детството на лицата што сега имаат од 18 до 20 години.
– Климатските истражувања предвидуваат потопли лета и уште повеќе топлотни бранови. Ова ќе го зголеми ризикот од поголемо оштетување на кожата, особено при изложувањето на сонце за летните распусти, кога децата се претежно надвор.

Д-р Хелен Мекавој од Институтот за јавно здравје и еден од авторите на извештајот вели дека оваа студија обезбедува основни податоци кои ќе помогнат во имплементацијата и мониторирањето на Националниот превентивен план.

– Оваа студија ќе помогне да се информираат надлежните за да се донесат вистинските програми и политики насочени кон превенција од рак на кожа. Фреквентноста на изгорениците што се застапени како информации во студијата се загрижувачки. Да се биде надвор и да се биде активен е добро за нашето физичко и ментално здравје, но исто така треба да бидеме паметни во однос на заштитата од сонцето. Бидејќи сè уште важат и мерките за заштита од Ковид-19, а децата се на распуст, веројатно децата повеќе ќе престојуваат на отворено, во природа и слично. Мора да се осигуриме дека луѓето нема постојано да се изложуваат на сонце, дека ќе ги избегнуваат периодите кога УВ-зраците се најсилни, дека ќе користат заштитен крем, ќе носат очила за сонце, капи и облека за да ги покријат рацете и нозете – објаснува д-р Мекавој.

Професор Сирше Ник Габаин од Истражувачкиот центар за промоција на здравјето „Гелвеј“ вели дека откритијата од студијата се од витално значење за однесувањето на децата во Ирска, за време на нивната изложеност на сонце. Габаин додава: „Ова е првпат да се регистрира детално однесувањето на децата на сонце во Ирска, и е јасно дека ова е сектор на кој треба повеќе да се посветиме во насока на заштита на децата. Овие податоци ќе бидат важни за планирање на целосна свесност и програми за соодветно однесување, како и таргетирање на ресурси за тие деца и нивните семејства“.

Д-р Триона Мекарти, директор на Националната програма за контрола на канцер и јавно здравје, го поздравува овој извештај.

– Воодушевени сме што Институтот обезбеди соодветен профил на училишните деца и ризиците што тие ги имаат во однос на нивната изложеност на УВ-зрачење. Таа изложеност во првите 10-15 години од животот има долгорочни последици во животот, кога зборуваме за појавата на канцер на кожа. Со ова ќе можеме да развиваме ресурси и да имплементираме програми кои ќе ги поддржат децата да бидат активни и на отворено, но со соодветна заштита.

Бидете паметни во однос на изложување на сонце – следете ги 5-те клучни правила:

1. Облечете облека која ја покрива вашата кожа, како долги ракави, лесни кошули и маички.
2. Намачкајте крем за сончање на изложените предели, користејќи фактор +50 за деца.
3. Ставете широка капа или шешир.
4. Ставете очила за сонце за да ги заштитите очите.

Исто така, важно е да се запомни дека:

– УВ-зрачењето е посилно од април до септември, дури и кога е облачно. Во период од 11 до 15 часот треба особено да се внимава – тогаш УВ-зрачењето е најсилно.
– Не треба намерно да се обидувате да добиете темна кожа. Запомнете дека исончаната кожа е оштетена кожа.
– Избегнувајте да добиете изгореници од сонце.
– Никогаш не користете лежалка.

Извор



912

X