Мајките што работат и нивните партнери ќе добијат платено отсуство доколку жената доживее спонтан абортус или роди мртво бебе во Нов Зеланд. Се смета дека ова е една од првите одредби од ваков тип во светот.

Законот им дава на вработените тридневно отсуство кога бременоста ќе заврши со мртвородено бебе наместо родителите да користат боледување. Пратеничката Џини Андерсен вели дека тоа треба да се признае како отсуство поради смртен случај, но стигмата што ја опкружува оваа ситуација значи дека многу луѓе не сакаат да разговараат за тоа.

– Тагата што доаѓа со спонтан абортус не е болест, туку загуба и за таа загуба потребно е време за физичко и психичко закрепнување – изјави Џини Андерсен и додаде дека отсуството се проширува и на партнерот на жената доколку таа претрпи спонтан абортус, како и луѓето што се обидувале да добијат дете преку сурогат-мајчинство.

Таа вели дека законот ја продолжува улогата на парламентот на Нов Зеланд во пионерството на правата на жените, особено во однос на правото за глас и еднаква плата.

– Иако можеби ќе бидеме првите, се надевам дека нема да бидеме последните и дека други земји ќе почнат да носат закони за сочувствителен и фер систем на отсуство што ги препознаваат болката и тагата што доаѓаат од спонтаниот абортус и мртвороденото бебе – вели таа.

Законот се однесува на родителите, нивните партнери и родителите кои планираат да имаат дете преку посвојување и сурогат-мајчинство.

Извор



912

X