Норвешката премиерка Ерна Солберг во понеделникот одржа прес-конференција само за децата, поврзана со коронавирусот. Таа одговараше на прашања поставени од загрижените деца од целата земја, во обид да ги смири нивните стравови.

Без присуство на возрасни новинари, Солберг и двајца нејзини министри одговорија на десетици прашања поставени од децата од цела Норвешка, поврзани со пандемијата на Ковид-19.

Норвешка ги затвори јавните и приватни институции, училиштата и градинките во обид да го намали ширењето на коронавирусот.

– Многу деца мислат дека е страшно. Во ред е да се плашите кога истовремено се случуваат толку многу работи – изјави таа.

Солберг и нејзините министри потоа одговорија на прашањата поставени преку детската телевизиска програма „Ен-ер-кеј супер“ и детскиот весник „Афтенпостен џуниор“. Дел од прашањата вклучуваа: „Дали може да имам роденденска забава?“, „Дали може да ги посетам баба ми и дедо ми откако ќе одам во трговскиот центар?“, „Колку долго време е потребно да се направи вакцина?“ и „Што можам да направам за да помогнам?“

Повеќето деца во Норвешка сега се дома и се воздржуваат од средби со другарчиња и роднини, особено со повозрасните.

– Со тоа што седите дома им помагате на другите луѓе да не се заразат и да не се разболат. Ова е важно за оние што веќе се болни или се многу стари – изјави Солберг.

На прашањето за роденденската забава, премиерката рече: – Ако некој од класот има роденден, сите треба да му се јават и да му испеат песна за среќен роденден.

Прес-конференцијата ја поздрави генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус, нарекувајќи ја одлична иницијатива.

– Едукацијата на децата и одговарањето на нивните прашања за Ковид-19 може да помогне во намалувањето на нивната вознемиреност – рече Тедрос.

Солберг ја заврши прес-конференцијата велејќи им на децата: – Само затоа што не сте на училиште, не значи дека не треба да научите нешто.

Извор



912

X