– Секоја вечер се молам да не се случи. Не оваа ноќ, си шепотам. Откако го слушав мојот сопруг како ‘рчи, конечно заспивам… додека мојата двегодишна ќерка не ме разбуди.

– Мамо… Мамо, мамо, креветот на мама – плаче моето девојче. Гледам во часовникот, два часот наутро, како и обично. Само четири часа откако конечно ја заспав – пишува Амелија Киби, мајка на двегодишно девојче кое секоја вечер доаѓа во нејзиниот кревет.

Амелија објаснува дека ѝ нуди млеко, ѝ пее приспивна песна, ја прегрнува, се обидува да ја заспие во креветчето на сите можни начини, но без среќа.

– Креветот на мама – ја моли нејзиното девојче.

– Попуштам, ја ставам во креветот со нас, а таа почнува да ме удира и турка.

– Мамо, надвор – ми наредува. По уште неколку туркања, го грабнувам ќебето и одам да спијам во дневната соба. Да, ќерка ми буквално ме избрка од сопствениот кревет. И тоа петти пат по ред. Време е да си признам: моето дете има проблеми со спиењето и како и многу непроспиени родители во светот, немам идеја што да правам во врска со тоа.

Затоа, оваа мајка почнала да ги проучува проблемите со спиењето и разговарала со пријателите, колегите и на крајот со експертите. Излегува дека родителите многу ретко ја прават „вистинската“ работа во ваква ситуација.

– Мојата ќерка и другите мали деца што се будат навечер и доаѓаат во креветот на родителите – треба повторно да бидат „тренирани“ да останат во своите кревети. И тоа нема да изгледа убаво. Како и секоја вежба, потребно е време.

Многу експерти, меѓу кои и познатиот педијатар Жан Мурјани, предлагаат метод познат како „100 чекори“.

– Покријте го бебето и потоа заминете. Ако вашето дете дојде, испратете го назад во неговото креветче и повторно покријте го. Ова може да се повтори многу пати, но ако издржите без реакција, детето ќе сфати дека не сте тука за да си играте со него – објаснува педијатарот Мурјани. Вреди да се проба. Без оглед колку сте уморни, вратете го детето в кревет додека не ја разбере пораката.

Што прават родителите: поголем кревет

Додека се проѕевав на третата шолја кафе, ѝ се пожалив за мојот проблем на колешка која ме праша во каков кревет спие ќерка ми.

– Треба да ѝ купиш поширок кревет. Тоа е најдоброто нешто што сме го направиле за нашиот син. Секогаш кога ни доаѓа в кревет, мојот сопруг или јас одиме во неговата соба и заспиваме во него. Ако не може да спие, еден од нас има место за да спие со него – ми рече таа.

Искрено, ако требаше да поминам повторно низ оваа ситуација, би ѝ купила поголем кревет.

Друга работа што треба да ја направите: воведете рутина

Исповед: Мојата ќерка нема рутина за спиење. А навистина треба да имате рутина.

– Секогаш ги советувам родителите да имаат јасна структура и рутина за децата да знаат што да очекуваат секоја вечер. На пример, исклучување уреди (екрани, игри, цртани филмови) и читање со член на семејството, капење, миење заби – вели педијатарот.

Воведете ги овие рутини и вашето дете подобро ќе спие.

Што прават родителите: остануваат со детето додека не заспие

Една пријателка ми кажа дека изгледам многу уморна, па ги споделив моите кошмари со неа и веднаш ја прашав дали има некој совет.

– Гледај телевизија со детето додека не заспие на каучот, а потоа премести го в кревет. Тоа го направив со мојот син. Тој воопшто не сакаше да заспие со читање и не сакаше да лежи во неговиот кревет. Бев премногу исцрпена за да се расправам со него на крајот на денот, и ова функционираше одлично – ми се довери таа.

Трета работа што треба да ја направите: скратете му ја или укинете ја попладневната дремка

Друг докажан начин да го натерате вашето дете да спие подобро ноќе е да го ограничите или целосно да го елиминирате попладневниот сон. Според истражувањето спроведено од детскиот невропсихолог д-р Марк Махон, ограничувањето на попладневниот сон резултирало со порано заспивање, подобар сон навечер и подобри резултати на когнитивните тестови.

Што прават родителите: и мама заслужува одмор, нели?

Буквално додека го пишувам ова ќерка ми веќе два часа ужива во попладневниот сон. Како инаку би можела да направам нешто во текот на денот? На крајот на краиштата, зарем мама не заслужува малку одмор? Уф, веројатно треба да одам да ја разбудам.

Автор: Ана Шевчеќ

Извор



912

X