Воспитување

„Но, бабо, мама ми дава да јадам чоколадо пред ручек“… – повеќето деца лажат

Децата се слатки, нежни, чисти души кои не умеат да лажат, а потоа, околу третата, четвртата година кога ќе сфатат дека не можете да им ги читате мислите, почнуваат да изговараат нејневеројатни реченици кои немаат никаква врска со вистината. „Но, бабо, мене мама ми дава да јадам чоколадо пред ручек“, „Да, мамо, ги измив рацете кога се вратив од градинка“, „Не ја скршив вазната, кучето скокаше и ја турна“… Со среќа нека ви е почетокот на оваа предизвикувачка фаза – фазата на лажење – која, ако бидете мудри, брзо ќе заврши.

Најинтензивно лажат децата од 4. до 6. година

Некои деца, особено посупериорните, почнуваат да лажат од третата година, а повеќето малку подоцна, со тоа што најинтензивното искривување на вистината трае од четвртата до шестата година. Некои деца лажат за да скријат нешто што направиле или не направиле, а требало, некои лажат за да се претстават во поубаво светло, некои за да добијат нешто, а има и такви што едноставно сакаат да ја „накитат“ секоја своја приказна или исказ. Без оглед дали биле несвесни за кажаното или, пак, грижливо ја смислиле лагата, би требало на дискретен начин да им ставите до знаење дека ја знаете вистината.
Според детските психолози, тоа е важно за годините што доаѓаат, особено за школскиот период бидејќи ако помислат дека може да им помине секоја лага, ќе почнат многу да ги употребуваат. Лагите во тој период стануваат посериозни бидејќи главно се последица на потребата нешто да се скрие за да се избегне казна, на пример, некаков престап или слаба оценка.

Затоа е важно од моментот кога ќе ја кажат првата лага, да ги поттикнувате децата да ја зборуваат вистината. Пофалете ги секојпат кога ќе признаат дека биле неискрени, но исто така кажете им дека нивното лажење ве растажува и ве разочарува. На малите деца, кои само што почнале да ја превртуваат вистината, раскажете им ја поучната приказна за детето и волкот, или кажете им дека тоа што ви го кажало може да биде добра основа за некој филм или роман. Тоа е убав начин да му соопштите дека знаете дека не ја кажува вистината, а секако е подобро отколку да го наречете лажливец.

Не кажувајте „бели лаги“ во присуство на детето

Избегнувајте ситуации кои едноставно го тераат детето да лаже, па следниот пат кога ќе го истури сокот не прашувајте: „Кој го направил тоа“, туку кажете: „Ајде заедно да го избришеме од подот“. Во тој случај нема да има потреба да ве излаже, бидејќи нема да се плаши од вашата реакција или казна.

Водете сметка дека децата најдобро учат од најблиските, па затоа бидете им добар пример. Избегнувајте во нивно присуство да им кажувате „бели лаги“ на други возрасни, водете сметка што правите и што кажувате.

Меѓутоа, ако лажењето му премине во навика на детето и лагите стануваат сè посериозни, ќе мора посериозно да му пристапите на тој проблем. Прв чекор е да му кажете дека знаете дека ве лаже и дека тоа не е во ред. Исто така, објаснете му дека поради тоа, нема да му верувате во иднина и дека можеби трајно ќе ја изгуби вашата доверба. Ако ни тоа не помогне, натерајте го да се соочи со последиците од своите постапки и своите лаги, без оглед дали се работи за направена штета дома, лоша оценка која е последица од неучење или сериозен обид за манипулација. Како крајна мерка ви останува да изберете соодветна казна.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top