Воспитување

Никој никогаш не ми кажал…

Родителството е многу повеќе од сервирани информации. Во морето од нив треба да знаете да пливате, но тие постојат, и ги многу повеќе отколку што е доволно

Драги мајки, татковци, идни и сегашни! По некои портали и медиуми често извираат инстаграм и фејсбук-приказни во кои поединци (главно мајки) емотивно му се обраќаат на населението (или барем тоа некако доаѓа до поширока публика) и се жалат како никој не им кажал како ќе изгледаат во текот на бременоста, како ќе се чувствуваат, како ќе им биде тешко со ова или со она, па дури ни дека постои крвавење по породувањето. Значи, прашањето што нè интересира е дали е можно во време кога каква било информација е невозможно да се скрие или кога внимаваме некој да не нè снима без наше знаење и тоа некаде да го објави, да не сте чуле или прочитале за некои толку основни работи? О, да. Има многу информации. И не треба да ги знаете сите, некои прекрасни или помалку пријатни теми од мајчинството и родителството не можете да ги предвидите додека не се најдете во нив, па дури и претходно илјада луѓе да ви ги нацртале и опишале. Но има толку едукативни текстови, толку многу искуства насекаде што е вистинска мистерија кога некој ќе се пожали дека никој никогаш не му кажал. Дали прашавте? Дали читавте? Колкав период од бременоста поминавте читајќи корисни работи и се подготвувавте за породувањето и за првата година?

На кои курсеви бевте? Ги има многу. Имате многу за учење. Имате и време, ако немате, најдете го. Поставете им прашања на порталите, центрите за родители, бесплатните линии, кои за тоа постојат. Само не велете дека никој не ви кажал зашто одговорност на секој родител (и мајка и татко) е да се распраша за што повеќе опции и да се обиде да добие увид во тоа што го чека.

Во морето од информации многу од нив ќе се повторуваат, многу ќе бидат контрадикторни, многу нема да ви се допаднат, но тоа е животот… научете да ги филтрирате. Може што било да кажете, може да му бидете лути на системот, на поединци, на кого било, но не велете дека никој не ви кажал.

Пред некој ден ми пиша една пријателка да ѝ кажам како се составува оној полушатор за плажа што автоматски се мести зашто купиле ист како нашиот. Бидејќи не ѝ одговорив веднаш, се сетила на „Јутјуб“. Вели дека таму има сè. Помислила првин да нè праша нас зашто имаме искуство, а потоа да провери на интернет. Таму има сè… За доење, за преслекување, за смирување грчеви, за заспивање, за нега на детето, за воспитување, за вакви или онакви вежби. Одберете некоја тема и нема шанси да не најдете нешто за тоа. Немојте да чекате сè да ви биде сервирано зашто родителството е многу повеќе од „сервирани теми“. Тоа е целоживотно учење, не само од туѓи текстови, туку најмногу од интеракцијата со вашите деца. Родителството може да ви стане пекол или ќе ви биде неверојатно задоволство (со некои подеми и падови), сè зависи од тоа како му пристапувате. Не е тоа бубање од прирачник, веќе знаете дека секоја бременост е различна, секое дете е посебно. Неминовно е  и вие да се промените, некои луѓе околу вас поради тоа и засекогаш ќе исчезнат, а некои нови ќе се појават.

Многу пати ќе се запрашате – што воопшто правам? Сто пати ќе се посомневате во себе… но побарајте поддршка, не сте сами, светот ви е на дланка со денешните паметни телефони. Порано ништо од тоа не постоело и се обложувам дека нашите баби и прабаби никогаш не прашале: Зошто никој никогаш не ми кажал? Им било пренесено тоа што требало, другото го учеле во од.
Значи, прашајте ги оние на кои им верувате, прашајте експерти. Нема место за жалење зашто секогаш има некој што знае како се чувствувате и како да си олесните.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top