Не е лесно да се остане смирен кога детето плаче и понекогаш повеќе би сакале само да му кажете да престане, дека сите го гледаат и дека плаче поради некоја глупост. Ова се реченици кои веројатно самите сме ги слушале во детството. Сепак, секое намалување или занемарување на емоциите на детето ни ја отежнува работата.

Плачењето е важен начин за изразување на емоциите и не треба да ги спречуваме децата да го прават тоа. Не постои несоодветна ситуација за плачење доколку детето чувствува потреба. Сара од блогот „Happiness is here“ советува што можеме да му кажеме на расплаканото дете, почитувајќи ги неговите емоции.

Поддржувачки реченици

Понекогаш во овие ситуации не треба ништо да кажете, доволно е да бидете присутни за детето или да му понудите прегратка. Наместо „не плачи“, може да му кажете една од овие охрабрувачки реченици на детето:

-Во ред е да се биде тажен.

-Многу ти е тешко, гледам.

-Тука сум за тебе.

-Те слушам.

-Можеш да ми кажеш што те растажи.

-Можеби можам да ти помогнам да го средиш тоа што те мачи.

-Ми се чини дека ти треба простор. Ќе бидам тука кога ќе ти требам.

Не засрамувајте го детето

Никогаш не казнувајте и не засрамувајте дете кое покажува емоции. Тоа е посебна форма на непочитување. Не омаловажувајте ги неговите чувства со тоа што ќе му кажете дека тоа што го мачи не е реално.

Не одвлекувајте му го вниманието за да избегнете непријатност од емоциите на детето, а исто така избегнувајте да поставувате премногу прашања додека детето е обземено од тага. Не кажувајте му на детето дека сѐ е во ред, почитувајте ја неговата грижа и болка.

Не користете ја емпатијата како стапица за да го смирите детето, туку покажете му вистинско сочувство и дајте му го вашиот мир и присуство.

Автор: Сунчица Гот

Извор



912

X