Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам ќерка која за 3 месеци ќе наполни 3 години. Сè уште не прифаќа да ги отстрани пелените и да користи нокшир. Иако веќе одамна сме разговарале за ова и таа веќе теориски знае сè и кога ќе ја прашам одговара дека „големите девојчиња не мочкаат во пелени“, сепак кога ќе ги извадиме пелените таа се чувствува непријатно и постојано бара да ѝ ставам нова пелена.

А пак кога ќе ѝ ставам гаќички, кога пак ќе се измочка во нив и ќе се намокри, се срами и не сака да зборува за тоа. Едноставно чувствувам дека воопшто се срами да разговара на темата околу извршување на физиолошките потреби. Не сака да признае кога се измочкала и слично.
Дали може да ми помогнете со некој совет како да постапам?

Прашува: Маја

ОДГОВОР: Многубројни се родителските прашања како и кога да се одбере вистинскиот момент за одвикнување од пелени. Како да му се помогне на детето, а притоа несвесно да не се влезе во преокупираност со одвикнувањето и да не се дозволи одвикнувањето да стане центар на вашиот живот.

Во просек очекувано време за одвикнување од пелени е периодот меѓу 18 и 36 месеци. Децата покажуваат спремност за откажување од пелени со покажување интерес како родителите го користат тоалетот, има добро развиени моторички способности и ако успева пелената да е сува повеќе од неколку часа.

Наташа Маџевска, психотерапевт

Најважно е да процените колку е спремна вашата ќерка за оставање на пелените. Ако мислите дека е доволно спремна за користење нокшир или за веце-шолја, треба да се впуштите заедно во тој процес со многу трпение и разбирање, давајќи важност дека и таа и вие смеете да згрешите. Немојте да бидете престроги, ниту окупирани со мокрењето, но секако и таа активност да не ја претворите во игра. Не споредувајте ја со други деца, дури и кога мислите дека таа не ве слуша. Почитувајте ја нејзината индивидуалност иако некогаш ќе се развива исто, побрзо или побавно од нејзините врсници. Пофалете ја кога ќе биде сува. Тоа позитивно влијае врз самодовербата и чувството за способност за одговорност да се извршуваат одредени работи. Критиката, строгоста и потсмевањето прават отпор, лутина и срам кај децата. Времето што детето го поминува на веце-шолјата или нокширот треба да биде кратко, по неколку минути, да не биде долго и со молење или ветување награди. Потсетувајте ја повремено за да нема чуство дека само тоа е важно и да предизвика отпор кај неа.
Одвикнувањето од пелени е процес, трае и ќе има добри и лоши денови, како што ги имаме и ние, возрасните. Понекогаш вашата ќерка ќе биде разиграна и занесена во играта и може да се случи да се измокри. Враќањето на мокрењето може да биде поттикнато од некои промени во нејзиното опкружување.

Не очекувајте дека таа ќе биде сува и дење и ноќе. Контролата на ноќното мокрење се усвојува подоцна, а кај некои деца трае и се толерира и до шест години.
Не дозволувајте одвикнувањето да биде централно во вашето секојдневие. Набљудувајте како таа секојдневно се воодушевува на успехот што го постигнува низ своето растење и развивање. Градете ја вашата врска. Уживајте во заедничките игри и блиски моменти. Дајте им значење и на другите успеси и развојни моменти. Зар не мислите дека тоа е поважно од оставањето на пелените неколку месеци порано или подоцна.

Одговара: Наташа Маџевска, психотерапевт, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: nmadzevska@gmail.com psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X