доц. д-р Калина Сотироска-Иваноска, психолог

доц. д-р Калина Сотироска-Иваноска, психолог

Декан на факултетот за општествени науки при Меѓународниот универзитет Визион во Гостивар
е-пошта: kalinasotiroska@gmail.com

Повеќе од авторот

Секое повишување на гласот на родителот предизвикува детето да се чувствува загрижено и исплашено

Сите бракови ги погодуваат различни турбуленции. Во секојдневното живеење помеѓу брачните парови може да се забележат постојан сарказам, тешки зборови, карање, викање еден на друг, игнорирање. Овие турбуленции го погодуваат бракот, понекогаш, периодично, некогаш од почетокот на заедничкото живеење. Причините се различни. Иако повремено аргументирање се очекува во речиси секое семејство, сепак бојното поле со постојано непријателство помеѓу родителите носи директен товар врз детето.

Да се биде во центарот на меѓусебното викање на родителите може да резултира со психо-физички последици, како постојано жалење од главоболка, болки во стомакот, раздразливост, анксиозност, депресија и други соматски нарушувања

Децата не остануваат имуни на викањето, расправијата и насилството. Најчесто се занемаруваат во ваквите односи и се третираат како ништо да не разбираат. Но, секое подигнување на гласот на родителот доведува до тоа детето да се чувствува загрижено и исплашено. Реперкусии може да има во моментот, но најчесто последиците можат да излегуваат на површина во односите далеку во иднината. Да се биде во центарот на меѓусебното викање на родителите може да резултира со психо-физички последици, како постојано жалење од главоболка, болки во стомакот, раздразливост, анксиозност, депресија и други соматски нарушувања.

Родителите што се во конфликт претставуваат лош пример за развој на личноста на детето и несоодветен модел на однесување. Притоа возрасните не се свесни дека начинот на кој се однесуваат може да има последици врз изборот на партнерот на нивните деца, како и врз начините на воспоставување односи со другите луѓе. Исто така, многу е поголема веројатноста да развијат емоционални проблеми и проблеми во однесувањето поединците што искусиле отворен конфликт на нивните родители.

Обраќање кон стручно лице, психолог или психијатар, е од несомнено значење за двајцата партнери и за спречување на последиците врз нивните деца. Иако, да се признае и да се соочи со вистинитата е тешко и мачно, работењето на овој начин помеѓу брачните партнери ќе ги поштеди децата од директните повреди предизвикани од постојаната изложеноста на гнев и горчина.

Еве неколку начини како да се соочат родителите:

• Најважно: обидете се да не се расправате пред детето! Тоа е тешко и бара многу напор и воздржување, но е неопходно!
• Соживејте се со партнерот! Ставете се на негово место. Сетете се од каде доаѓа.
• Лутината не е автоматска! Сепак, е избор. Чувството на незадоволство е она што предизвикува гнев.
• Дозволете му на партнерот да го слушнете! Разговарајте. Кога ќе знае дека ќе биде ислушан, партнерот ќе се релаксира!
• Изнајдете начини кои вас ве релаксираат!
• Побарајте помош од соодветно лице, психолог или психијатар!
• Искористете го времето на трезност. Вратете се на масата да ги решите проблемите со ладна глава, а не да се фокусирате на гневот и фрустрацијата!
• Не заборавајте: децата сè разбираат и сè знаат, многу повеќе отколку што мислиме!



912

X