Нежното родителство е сè попопуларен метод кој ги охрабрува мајките и татковците да ги препознаат чувствата на нивните деца додека истовремено ги спроведуваат поставените правила.
„Нежното родителство става поголем фокус на почитување на децата и нивната индивидуалност, како и покажување емпатија и поврзаност“, вели детскиот психолог Ирина Горелик.
Тоа не значи дека родителите што го следат овој пристап не спроведуваат никаква дисциплина. Нежното родителство тежнее кон ист исход како и традиционалното родителство, но користи поинаков пристап. Наместо казна, родителот може да го дисциплинира детето со разбирање.
Придобивките од нежното родителство се многукратни. Нежното родителство може да ја зголеми самодовербата и способноста на детето да ги регулира сопствените емоции. Може да ги намали борбите за моќ меѓу детето и родителот, а со тоа и да ги подобри односите. Исто така, може да ја подобри и комуникацијата помеѓу детето и родителот.
„Кога се размислува за спроведување правила, може да биде корисно да се идентификуваат и да се потврдат основните емоции, а истовремено да се постават јасни граници“, вели Горелик, наведувајќи три примери за тоа како нежното родителство може да изгледа во практика.
Вашето дете сака играчка додека пазарите
Горелик советува пред да одите во продавница, да му објасните на вашето дете дека одите на шопинг и дека ќе видите работи кои ќе сакате да ги купите, а не ви се потребни, бидејќи ви требаат само намирници.
Ако вашето дете во продавницата почне да бара од вас да му купите играчка во секој случај, кажете му: „Гледам дека навистина ја сакаш оваа играчка, изгледа многу забавно и можам да видам зошто ја сакаш. Но, не купуваме нова играчки денес. Знам дека тоа те фрустрира, но така се договоривме“.
Вашето дете не сака да го испушти мобилниот телефон од рацете и да се подготви да излезе од дома
Пред да заминете можете да му кажете на вашето дете: „Знам дека навистина сакаш да останеш дома и да играш видеоигри. Неправедно е што мораме да одиме. Понекогаш и јас сакам да останам дома, но мораме да одиме“.
Ако детето одбие да го исклучи мобилниот телефон или таблетот и да се облече, можете да поставите поцврсто ограничување и да кажете: „Времето за мобилниот телефон истече. Знам дека е тешко да се прекине забавата. Можеш да го исклучиш сам/а или тоа да го сторам јас“. Ако детето продолжи да одбива, родителот може сам да го исклучи мобилниот телефон.

Детето се расправа со братот или сестрата
Горелик предлага во таква ситуација да ги предупредите децата дека не треба да се расправаат, а особено да не создаваат кавга поради, на пример, играчка.
„Можете физички да ги разделите и да им помогнете да се смират. Подоцна, можете да разговарате што друго може да направи детето следниот пат кога ќе се фрустрира од својот брат или сестра или врсник“, вели таа.
Сите овие пристапи имаат цел да му помогнат на вашето дете да се чувствува сфатено, додека истовремено го учиме како да се справи со своите емоции.