Округ во Њујорк им забрани на невакцинирани деца пристап на сите јавни места во време кога оваа американска сојузна држава се бори со најголемата епидемија на морбили во последните неколку децении.

Службениците во Рокланд прогласија вонредна состојба, објавија дека забраната ќе биде во сила 30 дена, додека невакцинираните деца не ја добијат МРП-вакцината.

Службениците истакнаа дека невакцинираните малолетници нема да можат да одат на јавни места, како што се црквите, училиштата и шопинг-центрите, иако местата на отворено, како што се игралиштата, не се вклучени во забраната.

– Не смееме да дозволиме оваа епидемија да продолжи. Нема да седиме додека децата во нашата заедница се под ризик – истакна челникот на округот, Ед Деј.

Најавата доаѓа во време кога во Калифорнија, Илиноис, Тексас и во Вашингтон има епидемија на морбили. Во градот Њујорк се потврдени повеќе од 180 случаи. Во Рокланд, на околу 65 километри од Менхетн, има повеќе од 150 потврдени случаи, истакнаа тамошните здравствени службеници.

Повеќе од 82 проценти од пациентите со морбили не примиле ниедна доза од МРП-вакцината. Податоците покажуваат дека најголемиот број случаи (42%) се забележани кај деца на возраст од 4 до 18 години, а 39 отсто од нив биле кај деца помали од три години.

Деј истакна дека властите нема да бараат невакцинирани деца, но очекуваат родителите и старателите да си ги вакцинираат децата. Сепак, тој истакна дека родителите и старателите за кои ќе се утврди дека направиле прекршок ќе се сметаат за одговорни и нивните случаи ќе бидат упатени до канцеларијата на окружниот обвинител. Тоа ќе се смета за помал прекршок, казнив со парична казна до 500 долари или до половина година затвор.

Деј додаде дека децата што не може да се вакцинираат поради документирани медицински причини се исклучок.

Среде загрижувањата за епидемијата на морбилите, округот Рокланд проба нешто слично минатата година.

Како што пренесува „Вашингтон пост“, службениците за јавно здравје им забранија на невакцинираните деца да одат на училишта со степен на вакцинирање понизок од 95 отсто.

Неколку месеци подоцна родителите на повеќе од 40 деца го тужеа одделот за здравство во округот и побараа од федерален судија да им дозволи на децата да се вратат на училиште. Оваа недела окружниот судија Винсент Брисети го одби нивното барање, пресудувајќи дека не е во јавен интерес да им се дозволи на децата да се вратат на училиште.

Службениците истакнаа и дека иако никој не е среќен поради тоа што овие деца не одат на училиште, наредбите имале ефект и помогнале во превенција на епидемија на морбили во училишната популација.

Во 2000 година, речиси четири децении откако започна вакцинирањето против морбили, малите сипаници во САД беа прогласени за елиминирани.

Податоците на центрите за контрола и превенција на болести покажуваат дека од 2000 до 2018 година во САД годишно имало просечно по 140 случаи на морбили. Во текот на тие години имало и три смртни случаи, во 2002, 2003 и во 2015 година.



912

X