Независно дали процесот на учење се случува на училиште или дома, мора да имаме предвид дека кога станува збор за учење паметните телефони најчесто се сметаат за фактор кој може да го наруши учењето. Но, дали тие навистина го одвлекуваат вниманието или можат да послужат и како помош при учењето? Дали е можно тие соодветно да се ползуваат во наставата, односно во секојдневниот училиштен живот? И дали има смисла да му дозволите на вашиот паметен телефон да ве потсетува да учите?

Според статистичките податоци, дури 96 отсто од младите на возраст од 12 до 19 години имаат свој паметен телефон! Овие дигитални уреди се составен дел од животот на младите луѓе, но нивната несоодветна употреба на часовите се смета за нарушување на наставата. Затоа нивната употреба на часовите најчесто е забранета. Па дури и кога учениците пишуваат домашна задача или учат дома, родителите бараат децата да ги тргнат нивните паметни телефони надвор од дофат.

Мобилниот телефон го одвлекува вниманието исто како чоколадата!

Една неодамнешна студија потврдува дека стануваме расеани штом имаме паметен телефон на маса блиску до нас. Ова важи дури и ако уредот ни е ставен на тивко. Причината е едноставна: во овој случај сме принудени да го потиснуваме импулсот да посегнеме по мобилниот телефон и да си „играме“ со него, на пример, скролајќи по социјалните мрежи.

Учењето е процес на волја и концентрација, а токму тоа ни недостига кога станува збор за целосно завршување на задачите.
Случајот е ист ако, на пример, ставиме чинија со вкусен чипс или чоколада до нас на маса и очекуваме дека нема да ни го одвлекува вниманието додека работиме Затоа се препорачува да го тргнеме паметниот телефон настрана, на пример, во чантата или во фиоката кога треба да се концентрираме и фокусираме (на некоја задача).

Дали паметните телефони може да бидат соодветни помагала за учење?

Смартфонот може активно да го користиме при решавањето одредена задача. На крајот на краиштата, има многу апликации кои ветуваат ефективно учење преку мобилен телефон. Тие вклучуваат апликации за самоучење кои помагаат во решавањето одредени задачи. Исто така, постојат онлајн апликации за учење нов вокабулар, кои служат како еден вид регистар за дигитални картички.

Всушност, научните студии покажаа дека апликациите за вокабулар особено го прават она што треба и имаат позитивно влијание врз учењето на вокабуларот на нивните корисници. Сепак, за постигнување успех, исклучително е важно да се вежба со апликацијата редовно и подолг временски период, а тоа е исто како да учиме со рачно напишаниот индекс на картички.
Во многу други сфери ефектите на учењето преку паметен телефон речиси и не се истражени. Затоа е енормно тешко да се каже дали и како употребата на смартфонот во наставата може да го збогати учењето во споредба со традиционалните методи. Имајќи предвид дека паметните телефони се важен придружник во секојдневниот живот на младите луѓе, експертите сметаат дека би имало смисла дополнително да се истражува нивната соодветна употреба во наставата како помагала за учење.

Постои опција да се користат мобилните телефони и како потсетници за учење. Потсетниците на паметните телефони се многу практични и најразлични – ни помагаат да пиеме поголеми количини вода во текот на денот, ни служат како потсетник за родендените и состаноците. Но, сепак, мора да имаме предвид дека ефектот на потсетниците на мобилните телефони во поглед на учењето е речиси безначаен. Тој има влијание само краткорочно, и тоа ако користиме одредена апликација, на пример, за учење нов вокабулар. Но, апликацијата мора да се користи долгорочно за да даде ефект. Ист ефект се постигнува и со класичните методи на учење.

Паметните телефони како помагала за учење се меч со две острици. Гледано еднострано, тие донекаде можат да ни помогнат, но истовремено можат да имаат и сосема спротивен ефект. За да имате корист од мобилниот телефон во смисла на учење, тој мора да се користи многу конкретно или само како додаток на наставните целини за учење на училиште. Но, дури и тогаш, ризикот останува висок дека паметниот телефон наместо тоа, ќе ни го одвлече вниманието од задачите.

Автор: Стефан Симовски, професор по германски јазик и книжевност



912

X