Дали сте забележале дека кога првпат се обидувате да останете бремени, се чини како сите жени насекаде да се со бебиња? Во супермаркет, во парк, на улица, ги туркаат количките?

А постојаните прашања од семејството и пријателите за тоа кога планирате да основате семејство? Замислете тогаш како ќе се чувствувате ако имате проблем со зачнувањето – особено кога сите ваши пријатели имаат бебиња, а некои дури и објавуваат дека не биле навистина подготвени за второ дете, но ете едноставно се случило.

Неплодноста може да биде осамена

Кога имате целосна потреба да имате дете, а не можете – често се чувствувате осамени и разочарани. Тоа е многу тежок концепт со кој треба да се справувате бидејќи многумина од нас поминале години обидувајќи се токму да не забременат – само потсетете се на разговорите во тинејџерството за имање сексуални односи со заштита, за да не дојде до несакана бременост. Па, не е чудно што е тешко да се зборува со семејството и пријателите за неплодноста, бидејќи повеќето луѓе не ја искусиле и не го разбираат целосно нејзиното значење. Многумина се однесуваат како експерти, даваат непобарани совети како: „Само опушти се, не размислувај за тоа и ќе се случи“ и слично. Разговорот со мојата пријателка Џини, која очајно се обидуваше да има бебе, ми покажа зошто е толку тешко за неплодните двојки да се отворат за нивната борба за зачнување.

Џини поминуваше низ четврти обид за вештачко оплодување по 3 неуспешни во изминатите 5 години. Таа одлучи да не оди на вториот роденден од ќерката на нејзина пријателка. Премногу бебиња, премногу бремени жени, премногу прашања – премногу од сè. Но, како таа може да ѝ каже на пријателката дека забавата ѝ прави да се чувствува засрамено, непријатно и несоодветно?

„Имам дупка во себе“

„Не им завидувам на пријателите што имаат деца. Само чувствувам голема дупка во мене која не знам како да ја пополнам“, објасни таа. „Мојот живот е надвор од контрола. Добивам вештачко оплодување и се надевам дека ќе успее, па не се случува тоа, па се разочарувам и потоа губам надеж. А потоа повторно поминувам низ истиот процес следниот месец. Се срамам што основната функција на жената, да раѓа, јас не можам да ја извршувам. Почнувам да ја губам самодовербата. Како животот да ни е на пауза“.

Џини и јас зборувавме колку е тешко за жените што се неплодни – кога чекаат дете за да бидат мајки, па им е премногу тешко да замислат иднина без семејство. Луѓето се многу осамени во таква ситуација – а главната причина за тоа е тешкотијата да се соочат со проблемот и да се отворат и да зборуваат за него.

‌Неплодноста е чувствителна тема

Многумина мислат дека вештачкото оплодување значи оти веднаш ќе донесете дома дете. Во реалноста тоа значи безброј тестови, многу инвазивни третмани и без гаранции. Секојдневната борба значи голем притисок за партнерството и понекогаш е тешко и да се поврзете со лицето со кое го споделувате сето тоа, иако во тие моменти и двајцата очајно си требате еден на друг. Ако имате пријател во ваква ситуација, немојте да осудувате или да давате совети. Само сослушајте го и бидете свесни дека тоа е многу чувствителна и деликатна ситуација. Најмногу ќе биде од помош ако се сетите дека не знаете како е да се поминува низ тој процес, па често ги земаме здраво за готово подароците што ни ги дава животот.

Ако вие се соочувате со тоа, обидете се да имате подготвени одговори кога ќе ви бидат упатени непосакувани прашања. Бидете искрени и кажете: „Всушност, поминувам низ процес на лекување сега“ или „Не сакам сега да зборувам за тоа“, или „Звучиш како сестра ми со сите тие прашања и како што ѝ кажав – ова е мој живот“. Силата во вашите зборови можеби ќе направи да размислат пред да зборуваат следниот пат, доколку вашата порака е доволно јасна.

Автор: д-р Марго Лови – психотерапевт/автор

Извор



912

X