Мајките се 24 часа со децата, но затоа се отсечени од остатокот од светот

Оние што неодамна станале родители често имаат некои очекувања и планирања откако детето ќе дојде на свет. Но, многу брзо стануваат свесни како плановите, еден по друг, паѓаат во вода. Недоволен сон, физичка и ментална исцрпеност, постојаното внимание што го бара новороденчето – сето тоа не остава време за некои активности кои би ги усреќиле родителите.

И оние што успеваат да го искористат она малку слободно време за нешто што ги исполнува, сепак, тоа не им е доволно за да се опуштат. Тука се јавува уште еден предизвик со кој родителите, особено мајките, мора да се соочат, а тоа е осаменоста. Секој би помислил дека поминувањето 24 часа со новороденчето создава спротивно чувство од осаменоста. Мајките се чувствуваат длабоко поврзани со нивното бебе, но исто така се чувствуваат и исклучени од сите други што некогаш биле во нивниот круг на пријатели.

Џенси Дан, новинарка и авторка на книгата за подобрување на односите помеѓу паровите со наслов „Како да не го мразите партнерот кога ќе добиете дете“, иако е експерт, се почувствувала осамено.

– Осаменоста почнав да ја чувствувам приближно третата недели по породувањето. Поминав две недели во куќата на моите родители, потоа се вратив во мојот дом, а сопругот почна да работи. Се сеќавам дека беше доцна пролет, а јас по цел ден шетав со бебето во количка во Бруклин. Освен еден или два телефонски повици, можеше да се случи да не прозборам со никого. Почна да ме обзема чувство на изолација – раскажала Џенси.

Колку и да звучи како ситуација безoпасно, осаменоста сепак не е тоа. Ако потрае подолго, може да се одрази врз човековото емоционално, но и физичко здравје.

Уште една авторка доживеала „удар на самотија“ и тоа го објавила во својата книга „Добре дојдовте во клубот: 100 препреки во развојот на бебето што не сте ги очекувале“. Во книгата авторката Ракел Дапиче, меѓу другото, наведува дека првпат почувствувала голема осаменост.

– Родителството е осамена работа. Имаше денови кога бев дома со бебето и се чувствував… знаете како е кога играте криенка и во еден момент сфаќате дека всушност никој не ве бара? – изјавила Ракел.

Психолозите велат дека постојат низа фактори што придонесуваат за осаменоста.

– Да се има бебе е многу стресно за врската, особено ако едниот партнер чувствува дека другиот не му дава доволно поддршка. Поради тоа, постои потреба да се вложи и во другите односи, пред сѐ, пријателските. Но, за тоа често или нема време или нема сила, или, пак, постои анксиозност поради одвојувањето од бебето, од кое всушност и сакате малку да се одвоите – истакнуваат психолозите.



912

X