Родителите во Шпанија сакаат обетки, парфеми и… пцости

Свесни сме и самите дека родителите во различни средини и култури на различен начин ги воспитуваат децата. Често се дебатира дали е добро тоа што родителите во скандинавските земји ги оставаат децата да спијат во количките пред кафуле на температури под нулата или што во Холандија им се дозволува на децата самостојно да се движат.

Како се однесуваат родителите во Шпанија, раскажува тамошната новинарка Фиона Гован.

Речиси на сите мали девојчиња многу рано им ги дупчат ушите

Некои од девојчињата имаат обетки веднаш по раѓањето, односно уште во болница.
– Родителите што не го прават тоа многу рано се соочуваат со осуда, па времето го трошат објаснувајќи дека детето не е машко, бидејќи сите во Шпанија го мислат тоа ако бебето нема обетки, иако е облечено во, на пример, розова боја – пишува Фиона.

Нема одредено време за спиење

Додека многу родители воведуваат одредена рутина пред спиење и имаат точно одредено време кога децата да легнуваат, во Шпанија не се грижат за тоа. Имено, децата остануваат будни до доцна, па често излегуваат со своите родители по ресторани. Додека родителите уживаат со своите пријатели, децата трчаат со останатите дечиња наоколу, а потоа може да се забележат како спијат на стол.

Децата знаат многу пцости

Не е за чудење ако слушнете мало дете од Шпанија како кажува пцости и тоа во разговор со своите родители. Пцостите се секојдневие во шпанскиот јазик, па дури не се сметаат за лош знак за воспитувањето. На возрасните, пак, тоа им ја олеснува ситуацијата бидејќи не мора да внимаваат што зборуваат пред децата.

Децата често се свечено облечени, и тоа не само за посебни пригоди

Некаде свечената облека се носи за прослави, свадби и слично, но во Шпанија свеченост е секој ден. Децата и во текот на работната недела, на прошетка во парк и слично, се дотерани, средени и накитени.

Дозволено е играње со пиротехнички средства

Едно од најголемите возбудувања за децата е да се запали огномет на градскиот плоштад каде што се подготвува некоја прослава. Во други земји децата не смеат ни да се приближат до пиротехнички средства. Но, во Шпанија, особено во текот на летните фестивали, не е реткост таквата слика.

Долгите летни празници се резервирани за престој кај баба и дедо

Кога ќе почне летниот распуст, децата најчесто одат на летен камп, а потоа кај баба и дедо на подолг период, што обично е на село. Тоа се смета за корисно за сите, особено за бабите и дедовците кои обожаваат да поминуваат време со внучињата.

Бебињата се намирисани со парфем

Од некоја причина Шпанците се опседнати со детски парфеми, тврди Фиона Гован. Многумина подаруваат детски парфеми кога некое дете ќе се роди, па не е чудно новата мајка да добие и до 5 шишенца парфем како подарок за своето бебе.

На тоа Фиона саркастично коментира: „Која мајка не би сакала да го покрие слаткиот мирис на новороденче со мирисот на парфем?!“



912

X