Повеќето работни места имаат слични барања: завршено образование и претходно работно искуство се меѓу стандардите. Но, огласот за работа во jапонски дом за стари лица е сосема поинаков од сѐ што е видено досега. Имено, за споменатата работа не е потребно работно искуство, а идеалните кандидати имаат меѓу еден месец и три години!

Добро прочитавте, дом за стари лица во Јапонија „вработува“ бебиња за да можат постарите жители на домот да имаат бебиња за друштво. Таканаречените „бејби-работници“ ги развеселуваат штитениците во домот и им ги разубавуваат деновите. Така, зборувањето, кикотењето и чукањето на малите стапала секојдневно се мешаат со звукот на бастуните и инвалидските колички во домот за стари лица во Jужна Јапонија. Во моментов, домот за стари лица има 32 деца на возраст под 4 години кои поминуваат време со неговите жители, кои главно се во 80-тите години. Станарите започнуваат разговори со младите помошници. Бебињата придружувани од нивните родители или старатели (обично мајки) ги гушкаат штитениците. Награда за посетителите? Пелени, вештачко млеко, бесплатни фотографии од бебиња и купони за кафуле во близина на домот.

– Не се гледам многу често со моите внуци, па затоа посетите на децата ми се голема радост – вели 85-годишната Кјоко Накано, која живее во старски дом повеќе од една година. Иако ужива во плетењето и гледањето телевизија, таа вели дека се откажува од сѐ за да поминува време со бебињата и малите деца кога ќе пристигнат.

– Дури и жителите што беа нерасположени или изгледаа депресивно цело време сега блескаат кога доаѓаат бебињата, изгледаат многу среќни – вели менаџерката на домот за стари лица, Кими Гондо.

фотоизвор: Facebook

Како што популацијата на Јапонија брзо старее, бројот на корисници на старски домови речиси е удвоен помеѓу 2005 и 2020 година, според јапонската Влада. Бидејќи животот во домовите знае да биде осамен и досаден, жителите велат дека бебињата им донеле нова енергија и светлина.

Студиите потврдуваат дека дружењето меѓу генерациите има многу предности и за постарите и за децата. Ако се прашувате кои се барањата за „вработените“: законските старатели мора постојано да бидат присутни со бебињата. Сепак, нема работно време: на бебињата им е дозволено да доаѓаат и да си одат кога сакаат. Плаќањето е исто така доста необично. Како компензација, бебињата добиваат пелени, храна за бебиња, бесплатно фотографирање, ваучери за кафе за родителите…

Главна задача на бебињата е да им прават друштво на жителите и да одат на прошетка со нив. Ако дремат во количка, тоа воопшто не е проблем. На крајот на краиштата, која сцена може да биде поубава од оваа.

Автор: Ема Јуриќ

Извор



912

X