Ако ги прашате најголемиот дел од денешните млади родители, тие не би дозволиле на нивните деца да падне ни ронка прашина. Би ги заштитиле и од повреди, и од болести, дури и од обврски. Би живееле во стаклено ѕвоно, без лоши искуства, без предизвици иако сето тоа им е потребно за да се подготват за реалниот живот. За среќа, младите родители се подготвени да учат од своите грешки, а ова се најчестите:

Претерување со хигиената

Се подразбира дека детето уште од мали нозе треба да се учи за важноста на личната хигиена, но тоа не значи дека треба рацете да им ги триете со антисептици и да ја стерилизирате секоја работа со алкохол. Во првите месеци од животот на бебето, кога кожата е најосетлива, хигиената во домот треба да биде на високо ниво, само треба да внимавате тоа да не ви прерасне во опсесија.
Не треба секоја вечер да го бањате бебето со сапуни и гелови за бањање. Доволно е туширање со топла вода и темелно миење на делот од телото што е покриен со пелената. Кога бебето ќе почне да ползи, се подразбира дека тепихот и мебелот треба да се чисти, но не и да бидат стерилни. Уште оттогаш треба да го учите детето да ги мие рацете пред и по јадење, по вршењето нужда, по враќањето од прошетка, па тоа со време ќе ја усвои оваа корисна навика.

Несоодветно облечени

Ова е една од најчестите грешки што ја прават младите родители, а во тоа најчесто ги поддржуваат бабите бидејќи им е страв детето да не настине. Педијатрите се јасни по ова прашање – настинките и грипот се добиваат од вирусите, а не поради тоа што децата не носат нараквици или волнено елече.
Затоа децата треба да се облекуваат според временските услови, најдобро е слоевито. Во зима се подразбира дека треба да се носи топла јакна, капчиња, ракавици, но тоа не подразбира дека ноќе треба да ги покривате со најдебелиот јорган, бидејќи ќе почнат да се потат, да се будат и да се отскриваат.

Предупредување и за најмали грешки

Падовите и грешките се неизоставен, а можеби и најкорисен дел од процесот на учење, па затоа треба да му дозволите на детето само да утврди кога не може да ја прескокне скалата, кога не може да ги нареди сите коцки, кога не може да ја шутне топката… Од многуте обиди ќе научи многу повеќе отколку од секоја ваша постапка кога нешто ќе направите наместо него. Позитивниот став за грешките и неуспесите треба да го стекне уште во раното детство бидејќи ќе му биде многу корисен кога ќе биде позрело.

Присилување на детето да јаде

Речиси сите деца имаат фаза кога одбиваат одредена храна или едноставно не сакаат да јадат, што е доволно за родителот да се испаничи и со молби, закани и уцени да се обиде да му стави барем уште еден залак в уста. Ова не треба да се прави, советуваат експертите, бидејќи и сосем малите деца знаат да проценат колку им е доволно и кога се сити. Бидете сигурни дека кога ќе почувствуваат глад, за тоа ќе знаете и вие и сите соседи. Доколку детето е весело, нормално си игра, расположено е и се однесува нормално, значи дека е сито. Почекајте да помине оваа фаза на нејадење, подоцна сè ќе се врати на старо.

Изолација поради страв од болести

Многу вработени родители, дури и оние што не можат да се потпрат на баба и дедо, се подготвени животот да си го превртат наопаку само за да не го пуштат детето да оди во градинка бидејќи знаат дека со одењето во градинка се зголемува ризикот од болести. Тие забораваат дека детето може да се разболи и дома бидејќи родителите, постарата сестра, баба и дедо и другите редовно ќе му носат вируси. Затоа детето не треба да го држиме под стаклено ѕвоно, бидејќи е подобро детската болест како варичела да ја добие додека е помало, а не кога ќе тргне на училиште или кога ќе биде повозрасно бидејќи тогаш болките се посилно изразени. Освен тоа, изложеноста на вируси го зајакнува имунитетот, и на тоа треба да се размислува.



912

X