Се обидувам да најдам награди што не се играчки кога сакам да им покажам на децата дека сум горда на нив. Како што науката докажува дека овозможувањето искуства на нашите деца е многу подобро од давањето играчки, неодамнешни студии покажале дека нудењето играчки како награда може да има последици, па децата да бидат разгалени или да пораснат во материјалисти кои имаат поголема веројатност да имаат долгови. Кога ќе наидете на одлична играчка, тешко е да ја одминете, но долгорочната цел е да ги научите децата на добри карактерни особини и добро однесување.

Не сакам децата да очекуваат играчка за секоја добро завршена работа. Студија објавена во „Журнал за истражување на потрошувачите“ открива дека децата што добиваат повеќе материјални награди стануваат материјалисти.

– Родителите не сакаат нивните деца да користат предмети за да ја дефинираат сопствената вредност или врз таа основа да им судат на другите, иако родителите полни со љубов и поддршка исто така може да користат материјални добра за да ја изразат својата љубов, трасирајќи го патот за децата да пораснат во луѓе кои ќе им се восхитуваат на оние што имаат скапи предмети – велат авторите Марша Ричинс од Универзитетот во Мисури и Лан Нгајен Чаплин.

Со купувањето предмети за награда, родителите може да поставуваат терен за долгорочна прекумерна потрошувачка, стои во студијата. Децата што се одгледувани во домаќинства каде што актите на дисциплина вклучуваат и одземање предмети, имале поголема веројатност да продолжат со наградување и дефинирање на себеси со материјални нешта. Ако тоа не звучи доволно лошо, материјализмот во возрасна доба исто така може да биде поврзан со намалени чувства за благосостојба, брачни проблеми и финансиски тешкотии… Па што можете да сторите? Обидете се со нематеријални награди на кои детето ќе се радува. Ова се неколку алтернативи.

Листа со награди што не се играчки

Внатрешна мотивација – Охрабрете го детето да биде гордо на себе. „Зошто не си горд на себе? Учеше напорно и гледај што постигна. Можеш да направиш сè ако доволно се трудиш“. На долг рок, внатрешната мотивација може да изврши големо влијание.

Изложување – Ако детето има добри оценки, закачете ги на ѕидот. Или поставете слика од неговите успеси или резултати на фрижидерот.

Користете тегла како систем за наградување – Кога и да направи нешто неочекувано убаво, помага без да му биде побарано, слуша без потсетник, одговара на соодветен начин – дајте му топче од памук за да го стави во теглата. Кога теглата ќе биде полна, охрабрете го детето да направи нешто забавно и изберете некоја активност.

Излет – Поставете семејна цел – место каде што сакате да одите, а потоа зборувајте како да стигнете дотаму.

Сложувалка – Заедничкото време е клучот. Изберете сложувалка и редете ја заедно.

Направете нешто заедничко – Креирајте фотоалбум со ваши слики и слично.

Користете табла со стикери за да изберете нова активност – По добиени 5 стикери, значи дека ќе се прави нешто забавно, на пример, печење колачиња, возење велосипед и слично.

Тегла со активности што сакате да ги реализирате – Направете листа од активностите кои децата ги сакаат и напишете ги на ливчиња хартија. Ставете ги парчињата хартија во тегла, па кога децата ќе заслужат награда, ќе може да изберат од напишаните активности.

Пижама-ден – Ако децата сакаат да ги носат своите пижами, дајте им еден ден да го поминат во пижами. Можете да гледате филмови заедно.

Бонус време пред екрани – Ако децата веќе си ги завршиле своите задачи, понудете им дополнително време пред екраните.

Посетете шелтер-центар за животни – Одете во шелтер за миленичиња и погледнете ги животните што треба да бидат посвоени. Можете да побарате од децата да ви помогнат да пронајдете работи за донирање во шелтерот за животни и да ги научите што претставува љубезноста и дарежливоста.

Времето за кревет продолжено за 30 минути – Нека останат половина час подоцна за да играат игра со мама и тато или да гледаат некој натпревар.

Време за вечера – Прославете го нивното добро однесување со тоа што ќе излезете сите на заедничка вечера, јадејќи го омиленото јадење.

Логорски оган – Во градината може да реализирате одлична авантура со логорски оган. Само бидете внимателни.

Локален настан – Најдете бесплатен, локален настан во родниот град и отидете сите заедно како семејство.

Студиите докажуваат дека вреди да се држите до нематеријалните награди

Обидете се да запомните дека студиите откриле оти децата што добиваат материјални награди, растат во разгалени материјалисти. Според истражувањата, децата ја гледаат важноста само во материјалните добра.

– Земањето на играчката од детето кое го задева својот брат или сестра, или отстранување на кутијата за игри се примери за материјална казна. Повторувањето на таквите начини може да доведе до тоа детето да става голем акцент на поседувањето (материјалните добра), во генерална смисла – откриваат студиите.

Автор: Беки Менсфилд

Извор



912

X