Јакавланг, Авганистан – Девојчињата почнаа да се собираат во 7 часот наутро, доаѓајќи од неколку различни правци во малото училиште на дното од долината. Сите носеа сини училишни униформи и бели марами на главите и речиси секоја одела еден час или повеќе. Беа на возраст од 7 до 18 години.

До 7.45 часот, сите стоеја во дворот на „Рустам“, училиштето во отфрлен ќош на авганистанската област Јакавланг. „Рустам“ е единствено училиште во овој крај, а во него одат 330 девојчиња и 146 момчиња.

Во него, нема струја, греење, компјутери ниту фотокопир машина. Нема ни книги: наставниците сами составуваат и пишуваат лекции и задачи. Часовите се одржуваат во 7 простории од ладен камен и 6 големи шатори. Една наставничка вели дека има помалку книги од своите ученици.

Сепак, од 60 до 65 ученици од „Рустам“ се примени во 2017 година на авганистанските универзитети, а дипломираат дури 92 отсто. Две третини од студентите запишани на универзитетите се девојчиња.

Во „Рустам“ девојчињата и момчињата, за разлика од другите авганистански училишта, часовите ги слушаат заедно. „Мажите и жените се еднакви“, истакнува Мухамед Садик Насири, директорот на училиштето. „Имаат исти мозоци и исти тела“.

Тој додава дека момчињата и девојчињата зборуваат дека меѓу нив нема разлика, дека сите заедно ќе бидат подоцна на факултетите и дека е важно да научат да се почитуваат едни со други.

Еден ден на крајот на пролетниот семестар, Бадан Јоја, една од петте жени вработени во ова училиште, со уште 7 наставници, мажи, држела час по математика во еден од шаторите. Парче картон обоено во црно, служело како табла. Ги прашала во одделението кои во најголем дел биле девојчиња, кој предмет најмногу го сакаат. „Математика“, одговориле.

Тоа не е ништо чудно во „Рустам“: 40 отсто од прашањата на приемниот тест за факултет се по математика. А девојчињата се одлични.

Во 11 одделение, математиката најдобро и оди на Шарбано Хакими. Шарбано исто така е најдобра и на часовите по информатика каде што девојчињата неодамно учеле за оперативниот систем „Виндоус“ од тетратки. Само една од нив дома има компјутер.

„Она што најмногу го сакам на светот е лаптоп“, вели Шарбано.

Кога Талибанците го окупирале Авганистан, на девојчињата им било забрането да се образуваат, а жените воглавно останувале дома и се грижеле за домаќинството, особено во руралните области.

Овдешната страст кон образованието е своевидна реакција на тој период, смета Бадан Јоја (28). И самата таа тргнала во училиште дури кога Талибанците паднале. Имала 11 години и не умеела да чита и да пишува.

„Морав да почнам од нула“, вели. „Им зборуваме за Талибанците и за она што ни го направија, им зборуваме дека тие сега имаат можност и треба да ја искористат. И тие слушаат. Слушаат и дома од своите мајки и тетки“.

Девојчињата во „Рустам“ се извонредно мотивирани. „Искрено, девојчињата се подобри од момчињата: посериозни се“, вели Насири. Овие деца знаат дека не можеш да направиш роб од некој кој е образуван“.
Амина е главното девојче во целото училиште. Таа има среќа, вели, затоа што нејзиниот татко е образуван, иако мајка и е неписмена. Таа ќе биде првата од 8 браќа и сестри кои ќе завршат средно училиште. Сака да се запише во академијата „Мавуд“ во Кабул, на подготовки за факултет и еден ден да стане лекар.

Шарбано исто така фантазира да стане лекар, малку зошто нејзината мајка има проблеми со видот, а таткото е речиси сосема глув во својата 65-та година.

„Не сум образуван“, вели нејзиниот татко, Гулам Хусеин. „Јас сум обичен работник на поле. Не сакам тие да имаат ваков живот“. Од 11 деца, еден син и две ќерки веќе се запишале на факултет.

„Толку сум горда на нив“, вели Зенат, мајката на Шарбано.

Нивното семејство предност во образувањето им дава на девојчињата. Деветгодишниот Али им помага на родителите во домот, а 12-годишната Реза работи на поле. „Но, многу сака да оди на училиште“, вели Зенат. „Можеби следната година“. Сите ќерки, од друга страна, одат на училиште.

Директорот на училиштето, господин Насири, еден ден забележал дека една од неговите ученички се крие позади другите девојчиња затоа што нема униформа. Нејзиното семејство било премногу сиромашно за да и купи. Затоа Насири купил парче син памучен материјал на најблискиот пазар, а Бадан Јоја, наставничката по математика, му сошила на девојчето униформа.

Насири, парите за материјалот ги позајмил. Тој месечно заработува помалку од 200 евра. И покрај тоа што последните 6 години управува со „Рустам“, тој со својата сопруга Роја (45) издржува 4 ќерки и двајца синови. Роја ја запознал во времето кога земјата била под Талибанците: тој ја научил да чита и да пишува.

„Разговаравме и одлучивме и таа да појде на училиште“, вели Насири. „За децата е подобро ако нивната мајка е образувана“.

Нивната најстара ќерка завршила средно училиште 4 години пред својата мајка. Роја оваа година ќе добие диплома, а следната ќе полага примен испит за факултет, гордо истакнува Насири.

„Воспитала 6 деца“, додава. „Сега се одгледува себеси“.

Околу стотина метри од карпестата планина наспроти „Рустам“, пасеа овци кои ги чуваа овчари. Една од нив носеше син фустан кој изгледаше како училишна униформа, но прекриена со прашина. Нејзиното име е Никбакт, вели дека има 13 години. Носеше со себе и пенкало и тетратка во која вежбаше „пашто“.

„Го сакам училиштето, но никој друг не беше дома, па морав да ги водам овците“.

„Пашто“, еден од задолжителните предмети не е меѓу нејзините омилени, вели Никбакт. Таа сака математика.

Извор: „Њујорк тајмс“



912

X